Универзитетскиот професор и поранешен гувернер на Народната банка, Томе Неновски, смета дека мора да се утврди дали се направени грешки во постапката, во која тројца професори на економскиот факултет при Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ наместо да напредуваат во повисоко звање постои опасност да останат без работа.
– Во овој случај е дадена позитивна рецензија од тројца професори на чело со деканот, кој ставил потпис по што трудовите се објавуваат во Билтенот, како што предвидува постапката. Ако рецезентската комисија оценила дека квалитативните услови се исполнети тогаш се поставува прашањето врз основа на кои критериуми наставничкиот совет ги одби професорите. Во овие неколку денови имаше коментари дека станува збор за некои карактерни несогласувања меѓу професорите и раководството. Ако тоа е причината, тогаш станува збор за апсурд. Клучното прашање е дали професорите стручно одговориле и ги задоволиле критериумите што се бараат, ако е тоа така тогаш наставничкиот совет со одбивањето постапил неосновано – изјавил Неновски за Фактор.
Инаку, професорите Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски вчера започнаа штрајк со глад, најавувајќи дека нема да го прекинат се додека ректорската управа на универзитетот не постапи според законските прописи и етичките норми во нивниот случај, како и деканот на економскиот факултет во рамки на универзитетот Ристо Фотев не биде разрешен поради незаконско работење.