Професори: Ректоратот треба да го дисциплинира деканот, ова е невиден преседан со избрканите професори

by Fokus

Откако тројцата доктори на науки Крсте ШајноскиМаргарита Матлиеска и Александар Костадиновски вчера го почнаа штрајкот со глад  на Економскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, бидејќи незаконски се избркани од работа, со поддршка излегоа неколку професори, кои јавно алармираа за неправдата што им се случува на нивните колеги.

Професорката Татјана Стојановска – Иванова тврди дека ова е невиден преседан, бидејќи професорите ги исполнуваат сите услови.

–  Научната и Универзитетска елита си има свои правила, и во рамките на фелата тие се еден вид на Устав. Она на што деновиве сме сведоци, отстапува од тие правила и навистина за мене е фрапантно, доценти кои се признати и познати во рамките на својата фела, да не им биде дозволено напредување во повисоко звање. Уште повеќе ме загрижува фактот, што по сите барања за напредување во звање тие стандардите и критериумите ги исполниле, што значи дека условите за напредување се апсолутно исполнети. Како поткрепа на тоа, се нивните рецензии потпишани од универзитетски професори, докажани и покажани во фелата и на тој начин се става и сомнеж и на самите рецензенти. Ова е невиден преседан и рушење на интегритетот и суверенитетот на универзитетските професори и навистина е далеку од нормалното поимање за правилно и чесно функционирање на научната елита – тврди професорката Стојановска – Иванова.

Таа додава дека, податокот кој исто така загрижува е ставот на професорите кои се дискриминирани, дека сето тоа е резултат на одреден реваншизам, а доколку е така, тоа е навистина за секаква осуда.

– Да се подјаремуваат научници и да не им се овозможува напредување во нивната универзитетска кариера е далеку од етичките принципи, кои треба да се алфа и омега во рамките на универзитетската фела. Дефинитивно треба да се даде поддршка на колегите и јас како дел од универзитетската фела потполно стојам на ставот, дека никој не треба да биде над Законот и дека не треба никој без причина да биде сопрен и девалвиран во својот научен развој – истакна професорката.

Со сличен став како неа е и професор доктор Роберт Димитровски. Тој вели дека ректоратот треба да го дисциплинира деканот.

– Ако кажам дека сум вчудоневиден, нема да бидам потполно искрен. Се обидувам да бидам рационален во размислувањето, но никако не можам да го пронајдам ќарот на сопствениот зијан. За жал на нашите Универзитети и факултети, позициите не секаде ги запоседнале вистинските компетенции. Без разлика, дали се државни или приватни. Дипломите и студентите не се ни државни ни приватни. Отсуството на релевантна практика и искуство при изборот на  наставник во помладите академски средини понекогаш креира вакви проблеми кои наместо со изјави, тужби, пријави и сл. треба да претставуваат свечен чин на промоција. Ова е  посебно важно за еден млад универзитет како што е УГД. Универзитетот го чинат луѓето, кои во него растат. Не водејќи сметка за нив и игноирирајќи ги креираме лоши практики насочени против сопствениот растеж и напредок – тврди професор Димитровски.

Според него, на тој начин се имплицира поведение, кое во поврат може да има погубни последици. Димитровски тврди дека УГД потпомогнато со МОН мора да изреагира и да го маргинализира значењето на оваа случка, со цел тоа да не се претвори во практика.

– Обврската е пред се на институциите, но и Ректорот, кој треба да ги смири страстите и да го дисциплинира деканот кој изгледа нема доволна координација со Законот и академските узанси. Како инаку да го толкувам чинот, во кој од една страна деканот е рецензент, а од друга страна гласа против сопствената рецензија. Се обидувам да бидам најблаг и укажувам на непознавање и неискуство. Ајде нека ова остане поука и подука дека кога се заземаат позициите и не мораме да знаеме се, но дека довербата треба да ја оправдаме и да се научиме. Сепак не треба да учиме преку колатерала, затоа што утре по сета логика ќе имаме некој друг декан. Само почит на автономијата, академската слобода и пред се наставниот кадар може УГД да го спаси од аферата-економски факултет. Се надевам дека Ректорот ќе укаже дека позитивната рецензија е извршна, а не манипулативна категорија и ова ќе остане само лош сон што подучува – тврди професор Димитровски.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски, пак,  вели дека Законот е јасен и е на страна на штрајкувачите.

– Во принцип ретки се случаите кога Наставно научниот совет ја одбива рецензијата, а уште повеќе кога потписник на рецензија, самиот си гласа против. Зошто потпишал? Очигледно доаѓа до израз непознавањето и волунтаризмот во образованието, кое во принцип негативно се одразува на целото образование. Жално е на ваков начин да се решаваат проблемите, особено пред очите на јавноста и уште повеќе пред студентите. Се поставува прашањето каков ќе биде авторитетот на тие професори кои гласале против своите колеги. Законот е јасен и е на страна на штрајкувачите. Треба да победи правдата – истакна Кекеновски.

Тројцата професори, неколку часа по почнувањето на штрајкот со глад, од обезбедувањето на Ректорската управа беа избркани од просториите на факултетот, каде што не им беше дозволено да штрајкуваат.

 

 

Поврзани новости