Познатиот моден дизајнер Ненад Секирарски е еден од најредовните на протестите на Шарената револуција. Минатиот месец, тој со својата шарена колекција на женствени модели го затвори последното издание на модната манифестација ,,Фешн селекшн“ во Белград, со ревија која што ги воодушеви гостите и предизвика бурни аплаузи. Вели дека е горд што модниот настан се затворил со модел посветен на шаренилото на „Протестирам“ и ја продолжува својата борба за подобар живот на свој начин, преку своите креации, кои што се едни од најбараните во регоинот.
„Кога бев многу мал, секој април дедо ми, инаку господин од стара кумановска фамилија, ќе ме фатеше за рака онака убаво облечен во одело, бастун и шапка и ќе ме поведеше да му купи од првите јагоди во градот. Со секој чекор ќе не подзастанеше некој познаник, стар пријател, поранешен колега од работа и ќе го поздравеше со благ наклон со насмевка на лицето и сјај во очите полни со почит а јас мал се чувствував голем бидејќи чекорев покрај Човек кој сите го почитуваат. Кога ќе се приберевме дома со раце полни црвени јагоди во кутија и срце полно со задоволство тој ќе ја закачеше шапката на местото и поднаведнат ќе рече: Нено, најважно во животот е секое утро да можеш да излезеш на улица и секој да го погледнеш во очи и да му посакаш убав ден.“
Пораснав и разбрав, го живеам животот по советот на дедо ми, поучен од предците за нашите поколенија.,, – раскажува Ненад кој што и ја претстави својата прва колекција на јавноста уште во 1993 година, како студент на Универзитетот во Белград, Србија, и одтогаш е редовен на сите значајни модни случувања.
,,Треба да бидеме свесни дека секој од нас е одговорен за се што ни се случува подеднакво со нашето делување или со одбивањето нешто да сториме и да сме свесни кого подржуваме, кон што се стремиме. Моите политички определби за среќа се пошироки од било која платформа на партиите кои постојат кај нас, но тоа не ја намалува мојата лична одговорност како зрела возрасна личност на ова општество. Го почитувам правото на секој мој сограѓанин да го живее својот живот на свој начин а се со една цел, слободата на живеењето е единствен пат кон создавање на нови нешта, кон стимулација на креативноста и поместување на сопствените граници на умот и мислата. Затоа и сакам да живеам во земја каде ќе чекориме слободно на улица без некој-со-пријател да пролета на црвено, сакам да живеам во земја каде кога ќе посетам лекар ќе го добијам она за што одвојувам месечно без некој-со-пријател да го узурпира тоа што ми следува.
Сакам да живеам во земја каде без некој-со-пријател професор ќе му предава на моето дете на литературен јазик, без дијалектизми, без непотребни странски фрази во убаво обмислени реченици кои ќе ја стимулираат младата мисла. Сакам да живеам во земја каде оној што е платен од парите на народот ќе биде свесен дека тој е само избран да ја врши функцијата и дека е заменлив и секако и награден според заслуженото. Сакам да живеам во земја каде децата се на забави и во паркови, пензионерите насмеано уживаат во зеленилото, каде глумците играат представи во театар а вљубените ги чекорат улиците по срамежливите светла. Сакам да живеам во земја каде злосторниците се во затвор и размислуваат (а можеби и не) за стореното, во земја каде секој што има проблем е згрижен од институција и стручен тим“ – вели Ненад, кој што твори во своето атеље ,,Секирарски,, уште од почетокот на 2000 години и чии што свечени фустани се едни од најбараните помеѓу жените од јавниот живот во земјава. Облекува пејачки, актерки, новинарки, сопруги на политичари, водителки…
,,Токму тоа е мојата Македонија, мојата татковина чие име гордо стои и ме одбележува на секое мое представување надвор од земјата во изминативе 24 години и ги има навистина многу (Моето последно представување во Белград како гостин на затварање на 28от Fashion Selection се затвори со модел посветен на Шаренилото на Протестирам). И не го разбирам со која единица мерка некој се дрзнува да го измери патриотизмот, која е единицата мерка со која некој сака да го оцени почитувањето на корените, културата и потеклото, а не го разбирам бидејќи и не постои. Ниту една институција не може да ме убеди дека кулисите низ градов се моето културно наследство бидејќи моето е всадено длабоко во мене, бидејќи тоа е мојот соживот со комшијата Турчин, Албанец, Ром, моите корени се во Курбиново, во Бигорски, во мислата на Гоце Делчев, Крсте Мисирков, Блаже Конески, во раката да Ибе, Вера Цирвири и Александар.
И токму поради сите овие работи, поради чистиот образ, ведрото срце и мојата мисла гордо веќе седум недели чекорам со ПРОТЕСТИРАМ, со насмеани и ведри професори, новинари, уметници, дизајнери, лекари, успешни млади мислители, кои се будни и со ширум отворени очи, без страв го бранат нашето и своето. Секој за своето право, за својот став измешани во шаренилото на боите со верба и една мисла дека утре е ДЕНЕС“, ни раскажа дизјанерот. Неговите модели се претставуваат на многу модни настани во земјава, но исто така и во Србија, Албанија, Италија, Романија… Освен што има клиенти од целиот Балкан, неговите креации ги купуваат и во земји како Шпанија, Австрија, Словенија, Данска, Финска, Канада, и други.
Вики Клинчарова