Немојте да се шокирате, јас сум од Интелиџенс сервис и сакам да соработуваме

by Фокус

Додека го слушав, размислував што би направил нивниот министер Херд, кога би му пристапил наш разузнавач со желба да соработуваат. Се разбира, заклучив дека би го поврзал со таквите служби на Британија. Зашто мојот соговорник по ранг беше министерот за надворешни работи. Така и сторив. Му објаснив дека во Министерството сѐ уште немаме известително одделение, налик на она наречено „Четврти спрат“, ако не грешам, во Сојузното министерство во Белград, и дека поради тоа ќе го поврзам со луѓето од нашето Министерство за внатрешни работи.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

На 17 јули сум запишал една куса белешка: стаса „таинствената личност“ од Лондон. Факсот од Форин офисот во кој се бараше „средба со министерот Малески“ не ја објаснуваше целта на неговата посета. Претпоставував дека се работи за односите со ЕЗ и со Грција. Морис… влегува со Сашо Тавчиовски.

Човек на моја возраст. Одлична линија, одлична фризура, одлично одело… Потсетува токму на Џејмс Бонд. Сашо прашува дали да остане, му велам да остане и тој вади бележник. Му климнувам со главата на соговорникот дека сѐ е во ред.

Разговараме неврзано за проблемите што ги имал на патот: авионот тргнал, зел залет на пистата и почнал да кочи. „Бевме со главата долу, чекајќи да удриме во оградата“, раскажува. Потоа добиле друг авион. Пренесува поздрави од министрите во Форин офисот и од Гринсток, соработникот на министерот Даглас Херд.

Потоа вели: „Немојте да се шокирате, но овие работи денес се прават отворено. Јас не сум од Форин офис, туку од Интелиџенс сервис и ние би сакале да соработуваме со вас“. Со мене или со државата, помислив. Повторува, да не се шокирам.

Предупредувањето беше сосема непотребно, затоа што бев толку истоштен од патувањата, од работата, од грижата за последиците на овие проклети војни во Југославија, што ова што ми го кажа, воопшто не ми изгледаше шокантно.

БРИТАНСКИОТ РАЗУЗНАВАЧ

Ме затекна како работам во кошула со долги ракави, па замоли и тој да се соблече. Зборува смирено и убедливо. Само две капки пот, во тие скопски врелини, полека паралелно се тркалаа од двете бакембарди…

Ги следам како завршуваат во крагната на беспрекорната кошула со убаво затегнат јазол на вратоврската. Не се ни обидува да извади марамче и да се избрише.

Дали е тоа дел од тренингот што вели: не смееш да покажеш дека си вознемирен? Би ми користел и мене еден таков тренинг, помислувам. Информации би разменувале, тука во Женева или каде било, вели гостинот.

Ми објаснува како работат тие. Како нивните информации одат на масите на политичарите, кои се слабо информирани за состојбите во регионот. Вели дека им требаат „вистински информации за тоа што се случува“. Разговорот продолжува за Балканот, па за конференцијата за Југославија.

Како да постапам? Додека го слушав, размислував што би направил нивниот министер Херд кога би му пристапил наш разузнавач со желба да соработуваат. Се разбира, заклучив дека би го поврзал со таквите служби на Британија. Зашто мојот соговорник по ранг беше министерот за надворешни работи. Така и сторив.

Му објаснив дека во Министерството сѐ уште немаме известително одделение, налик на она наречено „Четврти спрат“, ако не грешам, во Сојузното министерство во Белград, и дека поради тоа ќе го поврзам со луѓето од нашето Министерство за внатрешни работи.

Испраќањето агент го протолкував како интерес, но и како грижа на Британците за мирот во Македонија и во регионот. Интерес и поддршка од голема светска сила како Велика Британија, пак, ни беше од животно значење.

Но, како да сум фрлил камче во бунар. Никогаш повеќе не дознав како одеше натамошната соработка меѓу двете служби. Всушност, колосеците надворешни, внатрешни и војска не се допираа на мојата маса и завршуваа директно кај претседателот Глигоров.

ВОЕН КАРАКТЕР

Се надевам дека барем тој ги добиваше сите информации, но не се сеќавам дека претседателот некогаш сподели со мене информации од воен или од безбедносен карактер. И за надворешно-политичките активности што ги водело Министерството за внатрешни работи не знаев практично ништо.

Но, за волја на вистината, и кога слушнав првпат за некој генерал Грилакис, не се ни интересирав. Зошто?

Веројатно затоа што бев презафатен со Конференцијата за Југославија на која се одлучуваше судбината на идната македонска држава, онака како што во минатото се одлучувала судбината на последната отоманска провинција во Европа на големите меѓународни конференции.

Се сеќавам дека го правев тоа со неверојатна сигурност, која произлегуваше од едно силно убедување дека никој дома и надвор не знае подобро од мене што треба Македонија да стори на меѓународен план.

(Продолжува)

Поврзани новости