Хакерите не интервенирале во изборните резултати, создале само погрешен приказ на бројките, првичен наод од МВР

by Frosina Fakova

Министерството за внатрешни работи најверојатно утре ќе достави првични информации, односно наоди до Државната изборна комисија за хакерскиот напад врз сајтот на ДИК, вечерта по гласањето на 15 јули кога се одржаа предвремени парламентарни избори.

Неофицијално, „Фокус“ дознава дека според првичните наоди на Секторот за комјутерски криминал при МВР, немало интервенирање во податоците, односно изборните резултати кои се внесувале во податочната база. Според нашите неофицијални информации, целта на нападот била да се даде погрешен приказ на бројките, односно резулатите во изборите.

Во средата вечерта непосредно по затворањето на гласачките места падна сајтот на ДИК и граѓаните не можеа да ги следат резултатите од изборниот процес, односно да видат која партија колку гласови освоила од обработените гласачки ливчиња. ДИК објави дека се мета на хакерски напад, а случајот го пријавија во МВР.

Речиси сите партии изразија сомнеж во точноста на изборните резултати, кои беа објавени речиси 24 часа по завршувањето на гласањето. По „паѓањето“ на веб страницата, вечерта на сајтот се појавија нелогични информации кои прикажуваа дека во општини каде најбројно е македонското население, победиле албански партии. Истата вечер и агрегаторот Тајм.мк објави дека е цел на хакерски напад, а на нивната страница имаше и порака од хакерите со политичка содржина.

Хакерската група „AnonOpsMKD“ која на денот на изборите го нападна арегатот „Тајм.мк“ денеска објави нова порака преку која им се заканија на сите партии доколку изберат Албанец за премиер. Сепак велат дека не се поврзани со нападот на ДИК. Велат не се поврзани со нападот на ДИК, а за тоа ги посочија нивните „браќа“ од Косово.

– Не сме поврзани со нападот на ДИК, за тоа обратете се кај браќата од Косово, а доколку ви треба помош за пронаоѓање на сторителите, отворете „дарквеб“, тие 2-3 „сајбер“ експерти во МВР знаат што е „дарквеб“, ако не ги имате тие „под Кале“, се вели во пораката.

Сепак од МВР се уште нема информации од кои ИП адреси бил организиран нападот и уште се проверува. Според кажувањата на претседателот на ДИК, Оливер Деркоски бил нападнат еден сервер на ДИК, но не тој од резулатите од над 25 милиони ИП адреси.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости