Нема веќе столчиња на улица, ССМ сега бара оставки

by Fokus

Штрајкот на вработените во јавниот сектор продолжува, а Сојузот на синдикатите тргнува со нова стратегија во протестите, откако со неизгласување на амандманот на ребалансот на буџетот во саботата пропадна и последната шанса за зголемување на платите на административците.

Додека во Владата остануваат на своите позиции дека за раст на платите ќе се бара нова методологија и ќе се носи нов закон, од ССМ, откако ги исцрпија другите опции за притисок, сега бараат оставки. Прво ги објавија имињата на сите пратеници кои по вторпат не го гласаа амандманот, а потоа побараа од нив да си заминат од функциите.

-Пратениците кои гласаа против работниците веднаш да си поднесат оставка. Дали некој од пратениците се запрашал зошто на избори казнуваат работниците? Работниците на избори ги гласаат пратениците. Работниците ја избираат новата Влада, напиша ССМ на својот фејбук-профил.

Исто така се бара неотповиклива оставка веднаш од заменик-министерот за финансии Филип Николоски, кој на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет изнесе аргументи против амандманот со кој во ребалансираниот буџет требаше да се обезбедат 30 милиони евра за повисоки плати на административците до крајот на годинава.

Тој најави состанок на штрајкувачкиот одбор кој ќе ги утврди идните чекори на ССМ. Рече дека Општиот колективен договор преку кој се решаваат синдикалните барања – зголемување на платите и К-15 е отворен и изрази надеж дека премиерот, за разлика од пратениците ќе ги сфати барањата, ќе излезе во пресрет за егзистенција на работникот и ќе прифати зголемување на платите за 2.806 денари.

Од среда штрајкот на вработените во јавниот сектор ќе влезе во третата недела. Итните и неодложните работи ги извршуваат само 10 проценти од вработените, а останатите штрајкуваат на работните места.

Поврзани новости