Нема траен успех со бизнис врски и роднини, туку со труд и талент – Тајзи повторно на врвот!

by fokus

За само 24 часа откако ја промовираше новата песна „Сине”, музичарот Драган Величковски – Тајзи има над 144 000 прегледи на музичкиот канал Јутјуб.

Кумановецот чија популарност не стивнува цела деценија, откако за прв пат се појави на сцената, и со новата песна и видео запис покажа дека е еден од најслушаните изведувачи кај нас. Неговите претходни песни имаат милионски прегледи на Јутјуб, а секој нов проект неговите обожаватели го чекаат со нетрпение.

Во претходно интервју за „Фокус”, Тајзи, кој што потекнува од скромно семејство ни кажа дека според него за успех се потребни талент и многу работа.

-Во шоу бизнисот врските и добростоечките семејства и роднини не можат да донесат успех на долги патеки. Секој чекор од патот го минав сам и горд сум на тоа – ни изјави пред две години музичарот, во време кога неговата песна „Револуција” рушеше рекорди во слушаност.

И со наредните песни „Сакам”, „Афтер”, „Вози”, „Мој живот, моја ствар” и „Пабло” тој се најде на врвот на листата на најслушани. За новата песна „Сине” со која одбележува десет години музичка кариера, откако вчера ја промовираше, добива само позитивни коментари.

Видео записот е снимен во Куклици, Кратово, на тврдината Зебрњак и во боксерски клубови во Куманово и Скопје. Музиката е на Лазар Цветковски, а текстот на Тајзи, додека режисер на спотот е Даниел Јовески.

Според Тајзи, песната ја отсликува суровата реалност во која што живееме. И во неговите постари хитови тој најчесто пее за нашето општество со сите свои мани и недостатоци. Неодамна ни изјави дека не сака да зборува за политика и се што има да каже, го кажува преку песните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости