-Нема никаков скандал, се работи за недоразбирање кое се реши, а на Биба Додева од се срце и го честитав освоеното прво место на поп вечерта на Охрид Фест – вака за „Фокус” изјави актерот Драган Спасов Дац, кој вчера се најде во центарот на вниманието, кога го прекина прогласувањето на Додева за победник на фестот, под образложение дека гласовите не се точно пребројани.
Тој настапи во дует со Александар Митевски и побара пребројување на гласовите, тврдејќи дека првото место според бодовите треба да им припадне нив.
-Искрено да ви кажам, јас детално не ни го следев бодувањето. Но, имаше многу реакции од публика кога Додева беше прогласена за победничка, а ние останавме на второ место со еден поен помалку од неа. Ми се јавија и луѓе од Скопје кои го следеле гласањето и тие ми кажаа дека има проблем во бодувањето, односно дека ние сме победници. Јас излегов на сцената и побарав да видиме за што станува збор, а публиката ме поддржа. Значи, ништо страшно не се случи, не е ова нешто лично против Додева, напротив, само побарав да се пребројат гласовите по реакциите на публиката – појаснува актерот, кој од неодамна започна со дуетски настапи со Митевски.
Вели дека на крај се испоставило дека гласањето било во ред, по што на Биба и го честитале првото место.
-Со Биба се фотографиравме, таа е одличен музичар и честитав од се срце. Нема место за приказни, за скандали, нетрпение или слично. Мало недоразбирање кое се реши за кратко – вели Дац.
Настапот на Охрид Фест со песната „Цреши охридски” чиј комплетен автор е Митевски беше фестивалско деби за дуото. Исто така, Спасовски вели дека ова е воедно и негов прв настап на фестивал.
-Второ место на настан како што е Охрид Фест не е нешто за занемарување. Многу ни значи наградата, веруваме дека песната ќе биде добро прифатена од публиката и дека ќе живее. Наскоро не очекува учество и на Макфест во Штип, имаме настапи и гостувања. Ние, односно нашето дуо постои поради публиката, се надеваме дека го оправдуваме нашето постоење – изјави актерот за „Фокус”.
Вики Клинчарова