Нема приговори за изборите за Судскиот совет, Наќе Георгиев и Антоанета Димовска се нови членови

by Fokus

Од кандидатите за членови на Судскиот совет немало приговори до Комисијата за спроведување на изборите што се одржаа вчера, во однос на начинот на гласање и на резултатите. Комисијата ги потврди за конечни првичните резултати што ги соопшти вчера, според кои нови членови на Советот се Наќе Георгиев, судија од Врховниот суд, и Антоанета Димовска, судија од Граѓанскиот суд Скопје.

Тие ќе го комплетираат 15-члениот состав на Судскиот совет по оставките на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски – судија од скопска Апелација.

Конечните резултати денеска на прес-конференција ги соопшти претседателот на Комисијата за изборите, Субхи Јакупи.

Наќе Георгиев, кој беше единствен кандидат од редовите на врховните судии, добил шест гласа од општата листа на кандидати од Врховниот суд на РСМ. Гласале 13 од 16 запишани избирачи, седум ливчиња биле неважечки и три неупотребени.

Антонета Димовска, судија на Граѓанскиот суд Скопје, е избрана за член на Судскиот совет од листата за скопското апелациско подрачје и од управните судови. На изборите вчера таа добила 110 гласови, а нејзиниот противкандидат Лазар Нанев од Основниот суд Кавадарци добил 49 гласа. За кандидатите од оваа листа гласале 185 од 220 запишани гласачи, 26 ливчиња биле неважечки и 35 неупотребени.

Комисијата им додели уверенија на новите членови и им посака успех во работата во членувањето во Судскиот совет.

Гласањето вчера траеше од 8 до 15 часот и право на глас имаа 236 судии, 16 врховни судии и 220 судии од скопското апелационо подрачје – Основниот граѓански суд Скопје, Основен кривичен суд Скопје и основните судови од Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово, како и судиите од Управниот и Вишиот управен суд.

Комисијата за спроведување на изборите го следела изборниот процес во сите 13 гласачки места за двете листи на кандидати за кои излезеноста на гласачите била 84 отсто.

Кандидатите и комисиите имаа законска можност за жалби по две основи – за самиот тек на гласањето и приговори за резултатите од изборите.

Поврзани новости