Австралискиот министер за имиграција, Алекс Хоук го разгледува прашањето дали повторно ќе му ја укине визата на српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ откако сојузниот суд претходно ја поништи таа одлука, изјави портпаролот на австралиското министерство за имиграција.
Австралискиот суд утрово го поништи укинувањето на визата за Ѓоковиќ и и наложи на австралиската влада да ги плати судските трошоци и да го пушти од имиграциски притвор.
Судијата оцени дека одлуката на владата да му ја укине визата на тенисерот е неразумна, бидејќи Ѓоковиќ исполнил се што му било побарано да за добие медицински исклучок за влез во Австралија и настап на Австралија опен.
Од министерството, меѓутоа, нагласуваат дека одлуката на судот за поништување на визата е укината поради процедурални причини.
Австралискиот министер за имиграција има дискреционо право на Ѓоковиќ, или на кому било друг, да му забрани влез во земјата.
Австралија пак сака да го затвори и депортира Ѓоковиќ, тврди семејството
-По денешната одлука на сојузниот суд темелена на процедурални причини, останува дискреционото право на министерот Хоук да го разгледа укинувањето на визата на Ѓоковиќ врз основа на членот 133C од Законот за имиграција. Министерот моментално го разгледува тоа прашање и процесот останува отворен, изјавил портпаролот.
Според толкувањата на медиумите, Ѓоковиќ нема да биде депортиран вечерва и одлуката на министерот којашто може да биде донесена утре или во наредните денови, ќе ја чека на слобода.
Претходно, адвокатите на Ѓоковиќ пред судот докажаа дека Ѓоковиќ добил дозвола за влез од властите врз основа на медицинско ослободување од вакцинација бидејќи на 16-ти декември бил позитивен на коронавирус. Судијата тоа го прифати и одлучи да не се укине визата и Ѓоковиќ да биде ослободен од прифатниот центар за мигранти.
Австралиската влада, од друга страна, вели дека странските државјани немаат право на гарантиран влез во Австралија и го доведуваат во прашање неговото барано изземање. Нагласуваат дека дури и ако Ѓоковиќ победи во судската постапка, тие го задржуваат правото повторно да го приведат и да го отстранат од земјата.
Пред зградата во која се наоѓа адвокатската канцеларија на Ѓоковиќ имаше хаотични сцени, стотици негови обожаватели се собраа и вееја српски знамиња. Во еден момент опколиле и блокирале полициско возило, па полицијата морала да интервенира.