Нема никаква постапка за сведоците кои немо го гледаа тепањето на Денис Тот

by fokus

Обвинителството засега нема отворено никаква постапка за деветтемина сведоци кои немо го гледаа нападот врз хрватскиот ракометар Денис Тот кој беше нападнат пред скопската дискотека „Привилиџ“ минатиот месец, а потоа почина на Ургентниот центар во Скопје.

Од скопското обвинителство за „Фокус“ велат сите детали и факти ќе бидат утврдени во рамките на истражната постапка, а до овој момент се води постапка само за тројцата осомничени, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски.

Сепак од Обвинителство велат дека ќе се гони секој кај кого ќе се утврди дека сторил кривично дело, па овие лица може да се гонат и понатаму.

Според Кривичниот законик, „тој што нема да му укаже помош на лице што се наоѓа во состојба наопасност за животот, иако тоа можело да го стори без опасност за себе или за друг, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Обвинителството нема покренато се уште обвинение ниту против тројцата осомничени за убиството.

-Во тек е истражна постапка против три лица, во рамките на која надлежниот јавен обвинител активно постапува за обезбедување на сите потребни докази. По приемот на извештајот од наредената обдукција, беа наредени и дополнителни вештачења со цел прецизно да се утврдат фактите. По комплетирање на предметот и донесување на јавнообвинителската одлука, јавноста веднаш ќе биде известена, велат од Обвинителството.

Според информациите на „Фокус“, вечерта меѓу 6 и 7 април, Тот во „Привилиџ“ го видел еден од сега осомничените Андреј Костовски, со кого се знаеле од претходно, поточно од хотелот „Мериот“. Тот таму имал престојувано како странец, а Костовски порано работел како шанкер.

Тот не влегол во клубот со тројцата напаѓачи, сега осомничени за убиство, кои биле во исто друштво, првоосомничениот Анџело Ѓоргиевски, дваесет и двегодишниот Костовски и деветнаесетгодишната Клeментина Левковска.

Тот му се придружил на друштвото откако го видел Андреј, ги честел пијачки и сѐ било во ред до 3.30 часот, кога излегле од дискотеката и кога Тот сакал да си оди заедно со нив во таксито. Иако има многу верзии што било причината за кавгата, едно е сигурно, дека имало некаков „судир“ меѓу ракометарот и девојката од ова друштво.
Официјално, меѓу нив имало лично недоразбирање што може да се заклучи и од објавените видеоснимки на социјалните мрежи, каде што се гледа како девојката го „шутира“ Тот, додека тој лежи, беспомошно и не се помрднува.

За многу кратко време беа уапсени двајцата осомничени, Костовски и Левковска, додека првоосомничениот полицијата не можеше да го најде. Сите тројца се гонат за кривично дело убиство, став еден, според кој: „Тој што друг ќе лиши од живот, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости