„Нема никаков криминал“, вели поранешниот в.д. директор на МКЦ, по кривичната од Град Скопје

by Fokus

Град Скопје во текот на вчерашниот ден, по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал против поранешниот в.д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Русе Арсов.

Русе Арсов од Скопје во својство на в.д. директор на МКЦ Скопје, на 14.12.2019 година објавил јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за пречек на Новата 2020 година, а критериумите за избор на најповолна понуда со определени бодови од јавната установа биле донесени на 18.12.2019 година, односно по објавување на јавниот повик, и тие не се составен дел на јавниот повик“, истакна вчера Даниел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.

Некогашниот в.д. директор на МКЦ, Арсов во изјава за „Фокус“ тврди дека нема никаков криминал во тоа што го направил.

„Град Скопје сега само постапува по нешто што ДКСК го препорача пред Нова година. Јас сум убеден дека не станува збор за никаков криминал и сум подготвен да се соочам со кого и да треба за да ја покажеме вистината. Се надевам набргу ќе ми биде овозможено и тоа“, ни изјави Арсов.

На негово место, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го постави како в.д. директор Ванчо Богоев, кој ќе раководи и со Кино Милениум.

Јорданчо Цветаноски