Учениците во гимназијата „Орце Николов“ и СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, како и во СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица утре нема да полагаат квалификациони тестови. Ова е договорот кој беше постигнат на денешната средба во Министерството за образование и наука помеѓу надлежните и група родители. Учениците ќе бидат распределени во веќе постоечки паралелки.
Претходно, родители на ученици кои сакаа да се запишат во гимназијата „Орце Николов“ беа собрани на протест пред Влада противејќи се на вонредното тестирање. Потоа, собирот се пресели пред МОН каде претставници на родителите учествуваа на вонредната средба.
Проблемот настана кога во гимназијата и двете медицински училишта се пријавиле повеќе ученици од слободните места. Во „Орце Николов“ се пријавели дури 400 ученици, иако слободни места има за 285. Од пријавените, 330 завршиле со просек 5.0.
Предлогот на МОН и Бирото за развој на образование беше учениците утре да полагаат квалификациони тестови по математика и македонски јазик за да се направи селекцијата, што наиде на реакција меѓу учениците и родителите. Тие бараа дополнителна паралелка, но барањето беше отфрлено.
Со реакција излезе и Младинскиот образовен форум од каде изразија загриженост од ваквото тестирање. Според нив, ги става учениците во непријатна ситуација со тоа што им остава краток период за подготовка за полагање на два предмети за кои повеќе немаат учебници.