Нема докази дека поранешното момче ја силувало девојката од Велес, тврдат од Обвинителството

Врз основа на анализата на сите прибрани докази и нивна корелација, надлежниот јавен обвинител утврди дека во случајов нема докази дека обвинетиот го сторил предметното кривично дело, велат од таму за Фокус.

by fokus

Обвинителството во Велес вчера донесе одлука да ја запре истрагата отворена по обвинување од девојка од Велес, која пред половина година пријавила дека била силувана, тепана и давена од поранешното момче.

Одлуката одекна со шок и неверување во јавноста, а мајката на девојката за “Слободен печат” изјави дека ќерка и многу тешко ја прифатила одлуката и дека таа не е повеќе истата личност. Поточно, појаснила дека од психичкиот стрес кој го претрпела чекајќи ја правдата, довело до тоа да го загуби здравјето. Кога ја слушнала информацијата завршила во болница, бидејќи добивала напади од траумата и стресот кои ги преживеала.

“Фокус” побара одговор од Обвинителството зошто е донесена одлука да се запре истрагата, а оттаму ни одговорија дека немало докази дека пријавениот ги сторил кривичните дела.

-За неведениот настан во Основното јавно обвинителство во Велес беше спроведена опсежна истражна постапка што опфати испитување на оштетената и на нејзините родители како сведоци, испитување на обвинетиот, но и прибирање на други докази – телесни прегледи на оштетената (веднаш по поднесувањето на пријавата во СВР од нејзина страна).

Беше направена анализа на пронајдени ДНК профили на делови од облеката на оштетената и нивна споредба со ДНК профилот на обвинетиот, како и психијатриски вештачења и на обвинетиот и на оштетената.

Беше направена и реконструкција на случајот во насока на проверка на делови од исказите на оштетената и на обвинетиот кои се однесуваат на нивната местоположба во возилото каде се случувал настанот и можноста од страна на обвиентиот да биде преземена и префрлена оштетената (изведувано од актери, а не од обвинетиот и оштетената и во присуство на вешти лица), појаснуваат од Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека анализата на доказите не покажале вина кај осомничениот.

-Врз основа на анализата на сите прибрани докази и нивна корелација, надлежниот јавен обвинител утврди дека во случајов нема докази дека обвинетиот го сторил предметното кривично дело. Од тие причини донесе Наредба за запирање на истражната постапка со правна поука до оштетената дека има право на приговор во рок од 8 дена од нејзиниот прием, ни одговорија од Обвинителството.

Од Хелсиншкиот комитет пак претходно реагираа дека жртвата во овој случај доживеала двојна виктимизација, бидејќи на рекострукцијата била присутна и таа и осомничениот.

-Реконструкцијата на настанот била извршена во присуство и на оштетената и на пријавениот во возилото на пријавениот, каде се случил настанот согласно пријавата, со што самата жртва доживеала двојна виктимизација. Самиот настан е спротивен на сите морални вредности и мерки за заштита на жртвите на ваквите кривични дела. Исто така, ваквиот настан негативно влијае на нејзиното ментално здравје, со оглед на стресот и последиците што жртвата ги има доживеано со настанот, реагираа од Комитетот.

На одлуката на основното обвинителство за запирање на истрагата, девојката има право да се жали пред Вишото обвинителство.

В.В.

Поврзани новости