(АРХИВА) Портрет на Срѓан Керим: Егзекутор под принуда или класичен убиец на слободата?

by Фокус

arhiva

Текстот е објавен на 2 октомври 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1043

Поранешниот македонски министер и амбасадор, претседавач со ГС на ОН и директор на медиумската групација ВАЦ, по подолго време стана повторен актуелен за македонската јавност, откако ја промовираше книгата „Светот без граници“. Пред политичките промени во 2016 година, тој важеше за близок со поранешната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, во чие време влезе во трка и за генерален секретар на ОН. Во тоа време, „Фокус“ го портретираше ликот и делото на Керим, чиј дипломатски Олимп, како што најчесто се нарекува функцијата во ОН, веројатно требаше да послужи за спас на „фамилијата“.

Пишувал:
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Висок претставник на министерството за надворешни работи на една земја членка на Советот за безбедност на ОН со право на вето, побара средба со мене пред неколку недели. Такви работи навистина ретко ми се случуваат, но средбата беше логична зашто темата на разговор беа медиумите во контекст на разрешницата на политичката криза.

Арно ама, дипломатот единствено го интересираше медиумската куќа „Медиа Принт Македонија“, каде што работно минав една ипол година, а особено сакаше да го чуе моето мислење за менаџерот Срѓан Керим.

За медиумите надолго и нашироко пишувам во „Фокус“, на портали, а пред тоа и во „Нова Македонија“, а имам и лично искуство и премрежија, така што не можев да му соопштам на дипломатот ништо друго, од она што веќе сум го напишал или што јавноста го знае.

Но и пред таа средба беше познато дека Керим има намера да се кандидира за генерален секретар на Обединетите нации, иако кандидатурата се уште не беше јавно обзнанета, па дипломатскиот интерес за неговата личност и дело ми беше разбирлив – да не речам интригантен!

Се разбира, ќе беше непристојно за човек со кој сум соработувал, а меѓу нас не се родила никаква професионална зла крв за да изнесувам какви било валканици за него во службен разговор. (Керим не ме егзекутираше од МПМ како што тоа сурово го направи слугата на ДПМНЕ-споменична, Минчо Јорданов од „Нова Македонија“).

Но Срѓан Керим е јавна личност, дипломат, поранешен министер за надворешни  работи, „вечен“ кандидат за претседател на Македонија и особено, по сопствено признание, близок пријател на поранешниот контроверзен а денес озлогласен член на Фамилијата, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, па сметав дека моите впечатоци за неговата политичка пројава, за неговото „фамилијарно“ друштвенце, карактерниот профил и дипломатски хабитус не се навлегување во приватноста за да можам да ги споделам со дипломатот, а еве сега и со јавноста.

ЖРТВА КОЈА СТАНАЛА ЕГЗЕКУТОР

Впрочем, за Керим и јас лично и моите колеги во „Фокус“ јавно сме пишувале, сме го критикувале, оценувале, черечеле… И покрај тоа што отсекогаш сум имал впечаток дека човекот има извонредно висока суета, се надевав дека тој е еден од ретките интимуси на владеачката дружина кој има елементарен демократски капацитет да издржи критика и да проголта новинарски пишувања и истражувања макар и за негова вмешаност во бизнис интереси или афери, се разбира поткрепени со факти.

Но, последниот интерес на редакцијата  на „Фокус“ за Керим, беше токму неговата дрска тужба за клевета поради пренесени информации од текст од српскиот весник „Е-новине“ за неговата улога во продажбата на издавачот на весниците „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“. Керим тужеше за пренесена информација, нешто што и на обичните лаици им е јасно дека не смее и не може да помине, освен во „Сваровски“ судството на Мијалков.

Но, очигледно, „с ким си, такав си“, како што велат Србите, па и дотогаш широкоградиот и слободоумен дипломат, посегна по најгнасното оружје на грујовистите и реши да удри по џебот на „Фокус“. За среќа, имиџот на сатрапи на медиумите, кој ДПМНЕ си го закачи на реверот со бројните тужби против новинарите од критичките медиуми, на Керим почна да му пречи особено по загинувањето на сопственикот на „Фокус“ Никола Младенов.

Тоа беше шанса делумно да се откупи за својот грев, па театрално, „сочувствувајќи со семејството“, ја повлече тужбата. Со овој итромански потег малку си ја испра совеста а, рака на срце, барем покажа нишка човештилак каква што му недостасува на неговиот бизнис и политички патрон – Мијалков.

Впрочем, токму во тој период, кога се случи и апсењето и притворањето на Томислав Кежаровски, Керим лично ми се јави неколкупати за да ми каже дека ја имам неговата поддршка за моите текстови во „Нова Македонија“ за медиумите, за суровата политичка и медиумска реалност во Македонија пастирска.

Тие зборови ми прозвучеа слободарски и мислев оти му прилегаат на еден дипломат кој не ги крие своите политички амбиции без оглед што е дел од друштвото кое и го прави злото на Македонија. Но, само до мигот додека не се свестив оти токму тој е претседател на Управниот одбор на медиумска куќа која издава три дневни информативно политички изданија. А таму тие гласови за слобода многу дифузно се слушаа, а дипломат и човек од калибарот на Керим имаше и општествена обврска самиот да проговори за нив во медиумите со кои газдува или на јавната сцена.

Но не го направи тоа. Овие епизоди не ги спомнувам за да го „накодошам“ кај ДПМНЕ неговото наводно политичко лицемерие, туку за да отсликам еден важен дел од карактерот на Срѓан Керим. Тој, несомнено, има елементарен сенс за слобода и за правда, но умее шеретски да го потисне кога е во прашање неговиот личен интерес. Тој би пуштил весниците, вклучително и тие кои ги раководи, да пишуваат слободно, да истражуваат и да критикуваат, се додека некој „од горе“ не го зграпчи во политичко или во бизнис менгеме.

Не, Керим не е обичен слабак што ќе се покори на секаква политичка наредба, знае тој „кој коси а кој вода носи“, кој е „капото“ и од кого треба да се плаши, туку повеќе се работи за човек кој високите професионални интереси на новинарството и слободата на медиумите по потреба ги компензира со своите политички амбиции и лукративни зделки. Но тој дипломатско-политички и бизнис-мешетарски баланс кој се обидува да го менаџира понекогаш силно се нарушува, а кога е во прашање дивата вмровска братија, богами и не може елементарно да се одржува.

Немам намера да ја оправдувам својата улога во МПМ, за моите политички заблуди веќе пишував во „Фокус“, но занимливо е како Керим имаше намера да ја одработи задачата „Дневник“ да биде весник на десницата, „Утрински весник“ на левицата, а „Вест“ да се деполитизира и таблоидизира. Таа идеолошка матрица се обидуваше да ја вулгаризира уште кога бев уредник на „Публика“, неделниот политички додаток на „Дневник“.

По неколку критички текстови за Владата, јавно ме прекори дека не сум поставен за да бидам „левичар“, туку „десничар“. Се разбира, еуфемизмите се секогаш дел од дипломатскиот речник на Керим. Тој очигледно доби задача „Дневник“ да биде 100 отсто на ДПМНЕ, а не на идеолошката десница, „Утрински“ да се обеснажи и политички да се релативизира, а „Вест“ да заборави на политика. Така, впрочем и се случи. Таа задача многу поуличарски ја изведе Орце Камчев.

Сепак, пред домашната елитистичка публика и особено пред меѓународната дипломатска јавност, за која Керим е најмногу лично заинтересиран, изданијата на МПМ тој ги претставува како синоним на идеолошка разноликост. Мислам дека надвор му успева колку-толку да ја шитне оваа приказна, оти е веројатно точно дека – да го нема и неговото елементарно чувство за важноста на медиумите во едно современо општество, но и борбата за опстојување на уредувачките тимови на професионалните стандарди, и „Утрински“ и „Вест“ можеа одамна да завршат на олтарот на преродбата.

Вака барем некако дишат на шкрги, иако значително „флаширани“. Така што, во битката за слободата на медиумите контра гладната за пропаганда и терор ДПМНЕ и политичките егзекутори на слободната мисла од партискиот Центар за дезинформации, Керим би можел да добие преодна дипломатска двојка. Додуша не чиста, туку барем „два на еден“.

Не, не го штедам поради некакви лични релации, одамна не сме контактирале, зашто заминувањето на уредници од „Дневник“, „Телеграф“, поради мешање во уредувачката политика, случувањата околу „Вест“ и сл. говорат за силниот притисок врз новинарите кој не е можен без негова улога, но Керим повеќе го слика својот портрет на жртва кој станал егзекутор под принуда, отколку на класичен убиец на слободата од типот на ИСИЛ-овските главосечачки методи во новинарството на Груевски и Мијалков.

Тоа, се разбира, не го амнестира, ама барем го објаснува неговото поведение.

ЕХОТО ОД СФРЈ И ЗВУКОТ НА ШИШЕТО

Според кажувањата на покојниот претседател Борис Трајковски, Љубчо Георгиевски е човекот кој е заслужен за политичката промоција на Срѓан Керим во јавната политика во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Георгиевски наводно сакал да се ослободи од Александар Димитров, кадар на Демократската Алтернатива на Васил Тупурковски, па уште пред растурањето на коалицијата по претседтелските избори во 1999-та, по една посета на Германија, каде што Керим беше амбасадор, опчинет од неговата дипломатска умешност и способност, му рекол на Бориса – па еве, Керим може да ни биде нов министер за надворешни работи!

Така и бидна. Амбасадорот на Киро Глигоров, пријател на неговиот татко од Штип, Асан Керим, поранешниот дипломат, помошник министер и портпарол во сојузното Министерство за надворешни работи на СФР Југославија и министер во последната влада на СР Македонија, на премиерот Глигорие Гоговски – Срѓан Керим стана министер за надворешни работи во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. За негова несреќа во Македонија изби војна во 2001-та, а тој мораше брзо, за само неколку месеци, да замине од министерската фотелја по одлуката за широка коалиција и влез на СДСМ во Владата на Георгиевски, во мај 2001-та, поради тоа што остана без политичка поддршка.

Впрочем, министерката од СДСМ, Илинка Митрева и вечниот лидер Црвенковски уште тогаш ќе почнат да му „кројат капа“, истражувајќи ја аферата во МНР за изградба на македонската амбасада во Берлин. Таа афера МНР не ја процесуираше, а кога го запознав Срѓан, долго време случајот беше предмет на наша дискусија. Керим имаше педантно средени пластични папки од десетици страници документи, со кои сакаше да ја докаже својата невиност и финансиска добивка за Македонија од неговиот личен ангажман како амбасадор за изградба на објектот на македонската амбасада во Берлин.

Впрочем, Керим ја има таа карма аферите кои се вртат околу него и неговото име, за јавноста да останат недоречени, недоистражени, сомнителни, а за него да бидат бргу-бргу, преку ноќ, затворени. Неговите противници, пак, велат дека тој всушност секогаш имал моќ преку своите луѓе во политичкиот врв брзо да ги архивира аферите за кои се шепоти или се зборува гласно.

Такво е, да речеме, сомнението дека наводно плагирал дел од својата докторска дисертација на Економскиот факултет во Белград, за што своевремено била покрената академска истрага, која не ги потврдила наодите за плагијат. Злобниците велат дека партиската организација на комунистите наводно ја забошотила истрагата.

Но, најдраматична е аферата со 750.000 евра во шише од март 2008 година, кога личниот возач на Керим, Душан Огњановски бил фатен на унгарската граница со толку голема сума пари во кеш, наводно во сопственост на компанијата МПМ, пари кои според неговото признание ги пренесувал од Скопје до фирмата мајка во Виена.

Аферата пукна во 2011 година на А1 ТВ, која го објави дописот од унгарската царина до нашата Дирекција против перење пари, а Керим, најден во небрано, не можеше да разбере дали е тоа порака од Фамилијата за да и се предаде 102 отсто, или опозициски заговор за негова политичка ликвидација.

Но, Керим не би бил каков што го дал Господ, ако повторно не најдеше некаква, макар и недоволно убедлива отстапница за себе, дека во тоа време (2007 -2008) бил претседател на Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк, односно не бил воопшто присутен во Македонија.

Како и да е, УЈП на Горан Трајковски, веројатно во режија на Сашо Мијалков, некако ја призатвори аферата, па денес, кога се најавува можноста случајот да го истражи и специјалниот обвинител, ако за него навистина има аудио-снимки во прислушуваните разговори, Керим јавно се брани дека станува збор за „наводна афера“ и за „наводно шише“. Тој важно има тапија дека е чист, но дали таа ќе важи, е сосема друго прашање.

Керим се уште не беше влезен во сериозни бизнис-политички релации со Фамилијата, а медиумската империја со која раководеше откако самоволно ја напушти дипломатската функција амбасадор на РМ во ОН во Њујорк од 2003 година (кога германскиот медиумски концерн ВАЦ ги купи трите дневни весници) му даде крилја да ги засили своите претседателски амбиции. Бранко Црвенковски и Никола Груевски во 2009-та заедно, а пастирот лично во 2014-та година – сам, не му дозволија да стане претседател на РМ.

Во 2009-та година тој политички се уште се топореше со својот непотрошен кредибилитет од времето на комунизмот, со штотуку напуштената функција претседател на Генералното Собрание на ОН – „дипломатскиот Олимп“ и со кусиот политички излет во 2001-та на министерска функција во МНР.

Керим тогаш навистина имаше висок рејтинг, веројатно затоа што беше перцепиран како една од последните комунистички икони, слично онака како што Киро Глигоров, а подоцна и Васил Тупурковски уживаа поддршка меѓу граѓаните во Македонија – „народот не ги познава, ниту пак многу ги разбира, ама ги сака“. Тоа беше ехото од СФРЈ и Јосип Броз, на кое Керим несомнено потсетуваше.

СТРАВОТ НА ГРУЕВСКИ

Арно ама, изборот на „античкиот“ Ѓорге Иванов, кој до крајот му остана верен и послушен на пастирот, ја порази политичката суета на Керим и ги распука неговите надежи за враќање на голема врата во политиката.

За волја на вистината, Груевски отсекогаш се плашел оти Керим е премачкан со илјадници политички бои – беше комунист, па либерал, па близок до ДПМНЕ, стравувајќи оти ако му ја даде претседателската функција, може брзо да му сврти грб и да глуми претседател.

Не помогнаа во таа насока уверувањата на Сашо Мијалков, дека Керим не може да му избега од контрола, зашто наводно го држи со бизнис-релации и со фамозни разузнавачки досијеа од југо-минатото. Но, можноста дипломат од калибарот на Керим да седне во претседателското столче, му ја зовриваше крвта на пастирот, кој не сакаше да трпи каков било авторитет кој би можел да го засени или да му ја урне аурата на вожд.

Веќе во 2014-та одлуката на Груевски да продолжи со Иванов, беше поразителна – пред се за Груевски и за Фамилијата. Да се разбереме – немам никакви илузии оти Срѓан Керим е демократски невин цвет во криминалната градина на ДПМНЕ, но, имиџот со кој зрачи неговата препредена дипломатска персона, искуството на превеан титовец и политички потомок на „таткото на нацијата“ Глигоров, можеби можеше на Груевски да му отвори каква-таква шанса за меко политичко приземјување.

Со други зборови, ако на Керим му дадеа да биде вистински „консилиере“ можеби пастирот сега немаше да се соочува со Идризово. Впрочем, Груевски немаше тогаш зошто веќе да се плаши. Судбината на Керим беше „во шишето“, тој не смееше многу да се оддалечи од Фамилијата, а штогоде дипломатските канали кои ги имаше на меѓународната сцена, можеше да ги искористи за поинаква судбина на кликата на ДПМНЕ.

Како и да е, уверен сум оти ДПМНЕ пастирска искрвари обилно токму поради криминалната победа на Ѓорге Иванов на предвремените избори во 2014-та година, во услови на груб фалсификат, кога поради страв од кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, власта влезе во сценарио на епохална изборна измама. Впрочем, исто како што искрвари ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски поради изборниот фалсификат за изборот на Борис Трајковски.

Денес може само да се нагаѓа што ќе беше ако ДПМНЕ конечно го кандидираше Срѓан Керим за претседател – дали воопшто ќе мораше да ги фалсификува претседателските и парламентарните избори, и што е уште поважно, дали ќе се појавеја аудио-снимките и можеше ли потоа состојбата во Македонија политички да се релаксира, а Фамилијата да почне да се развластува.

Се разбира, притоа мислам на тоа дека Керим ќе почнеше да се меша во својата работа, за разлика од Иванов, и дека со оглед на неговите лични дипломатски и политички амбиции, Груевски можеби ќе добиеше шанса за мирна политичка демисија. Некој сега со право може да ми забележи оти Керим е дел од кликата и ако не е нејзин ударен играч, тогаш секако е битна алка во синџирот. Тој комплетно и се предаде на страста на парите, стана и формално газда на МПМ, и авансираше од бизнис-релациите на Мијалков и Камчев.

Но фактот оти не и припаѓа на античката идејно-политичка шашма, дека е дил-ориентид што би рекол Груевски, дури и по прашањето на името, а не задрт бранител на некаква букефалистичка нација од пред нашата ера, го правеше редовен соговорник на дипломатите од САД, Британија, Франција, Германија..

За ова, впрочем, говорат и аудио-снимките на Заев, каде што се споменуваат средби во кои за компромисно решение на спорот за името со грчкиот посредник Рондос, во текот на2010-2011 година преговара токму Срѓан Керим. И американскиот амбасадор Филип Рикер, кому Керим му приреди дипломатски прием кога си заминуваше, знаеше да „дивани“ со ова лукративно крило на Фамилијата, во надеж дека ќе ја истурка Владата, Македонија да го реши спорот за името и да влеземе во НАТО.

Но Керим никогаш не стигна да ја заврши таа работа. Едноставно, не му дозволија газдите или можеби самиот не туркаше доволно силно. Се задоволи со дел од фамилијарниот колач, кој секако не беше мал.

КАНДИДАТИ И КАНДИДАТКИ

Срѓан Керим уште во времето на првиот мандат на Бан Ки Мун, пројави амбиции да се вклучи во трката за генерален секретар на ОН. Се разбира, тогаш целта му беше да стане барем еден од повеќемината заменици на ген-секот, што беше исто така недостижно. Функцијата претседател на државата, која ја посакуваше, се надеваше дека може да му биде дополнителен „boost“ и во меѓународната дипломатска одисеја. Но не стана претседател.

Околу изборите во 2014 година, кога ДПМНЕ покажуваше сила и мускули, а тивката дипломатска јавност знаеше за амбициите на Срѓан Керим, се правеше следната математика: aко навистина на групата земји од Југоисточна Европа и е редот да го даде кандидатот за генерален секретар на ОН, тогаш Срѓан Керим, и покрај аферата со шишето има некакви шанси. Зошто?

Па едноставно затоа што кандидатите од Србија (Вук Јеремиќ и Борис Тадиќ) би биле неприфатливи, првиот за САД, вториот за Русија, а Владимир Путин, кој поради украинската војна почна да ги заладува односите со Запад, сигурно не би поддржал кандидат за генерален секретар на ОН од земја од Источна Европа членка на НАТО и на западниот клуб. Од тие причини, кандидатурите на Бугарките, Ирина Бокова, извршен директор на УНЕСКО и Кристалина Георгиева, европски комесар и поранешен потпретседател на Светската банка, тогаш се чинеа депласирани.

Слично како и на литванската претседателка Далиа Грибаскуаите, на хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ, на министерот за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак, како и на Данило Турк, поранешниот претседател на Словенија и на Советот за безбедност на ОН. Македонија, како што зборуваа дипломати, не е ниту во НАТО, ниту во ЕУ, мала земја е, главно генералните секретари на ОН доаѓаат од помали земји, а Русија и Кина веројатно не би се спротивставиле на кандидат од Македонија! А токму таму Срѓан Керим изминативе неколку месеци правеше промоција на својата најнова книга.

Но колку и да изгледаше остварлива или фантазмагорична, на оваа политичка логика сепак и истече важноста. Не само што Македонија во меѓувреме со „бомбите“ на опозицијата и политичката криза влезе во статус на класичен меѓународен протекторат, кој не може да претендира да даде кандидат за највисоката функција во ОН, зашто самата е пациент, туку и математиките во трката за генерален секретар се изјаловија.

Земјите од Југоисточна Европа може, но не мора да предложат кандидат за генерален секретар на ОН, зашто ако Путин, Обама, Оланд, Камерон и кинескиот претседател Џипинг се договорат, тоа може да биде и поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк или екс премиерот на Австралија, Кевин Руд, комесарот за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, претседателките на Бразил – Дилма Русеф, на Чиле, Мишел Башелет итн. итн. Кандидати ќе има многу, а жена досега не била на чело на светската организација, па не е исклучено сега да добие таква шанса.

Како и да е, Срѓан Керим веројатно и сега мисли дека е можно во некаква комбинација, ако не главната, да добие утешна фотелја во ОН. Во очај од домашната разврска на кризата под меѓународен менаџмент, Груевски ја истакна неговата кандидатура за генерален секретар на ОН. Без оглед кој и што очекува од него, Керим не може да направи суштински ништо. Доцна е за се, а тој сега ќе треба да се бори и за својата сопствена кожа.

Фамилијата пролетва заглави во таква геополитичка и криминална кал, што нема дипломатски Олимп, како што најчесто се нарекува функцијата во ОН, што може да ја спаси. Дури и самата кандидатура на Срѓан Керим, ако води некаква кампања, може да биде апсурдна.

Замислете тој да треба да и се обраќа на светската јавност, за слободата, демократијата, човековите права, слободниот печат, за правата на жената на абортус, за заштита на геј заедницата (како што често говори Бан Ки-Мун), па дури и за бегалците и бегалската криза, во услови кога македонската полиција летово ги тепаше со пендраци!

Навистина, функцијата во ОН не е многу политички моќна, или е онолку моќна колку што ќе ти дозволат светските газди, но не смее да биде ниту политичка карикатура, каква што деновиве е Македонија на Груевски и Мијалков. Керим, за жал, не може да се издвои од таа тажна слика, без оглед дали ќе облече железни опинци.

 

БРИОНИ КОСТУМИ НА МЕНХЕТЕН

Својот елитистички стил и бонвивански живот, Керим го практикуваше и како амбасадор на Македонија во ОН во Њујорк. „Фокус“ на времето пишувше оти РМ за домот на амбасадорот плаќаше над 11.000 долари месечна кирија во зградата на Доналд Трамп, во непосредна близина на седиштето на ОН, што се сметаше за вистински раскош и растрош.

Керим е љубител на скапи „Бриони“ костуми кои чинат неколку илјади евра, а беше чест посетител на скапите ноќни клубови во Големото Јаболко. Многу години подоцна, во јануари 2012 година, магазинот „Глобус“ објави текст според кој Керим купил апартман на Менхетен во вредност од 1,5 милиони долари. Дипломатот молчеше за оваа купопродажба за да не мора да го докажува потеклото на парите, по драматичната афера со „шишето“.

 

МИСТЕРИИТЕ ОКОЛУ ЛАЗАР МОЈСОВ И КУРТ ВАЛДХАЈМ

За генералниот секретар на ОН Курт Валдхајм, многу години откако беше на функцијата во ОН (1972 – 1981) во јавноста излегоа информации дека за време на Втората светска војна бил офицер на СС – трупите на германскиот фирер и престојувал во повеќе подрачја на поранешна Југославија.

За ова сензационално откритие и дипломатски скандал пар екселанс, многу години подоцна, во српските медиуми излегоа информации оти младиот германски офицер во годините на војната бил на служба и во БиХ, но живеел и во куќа во Црна Гора, а извесен период престојувал и во Прилеп, во Македонија, токму во времето на повлекувањето на германските трупи.

Според тие шпекулации, овие тајни за нацистичкото минато на Курт Валдхајм, од Македонија ги знаел Лазар Мојсов, во времето по Втората светска војна главен обвинител во Македонија, кој ги гонел „предавниците“, припадниците на ВМРО, ванчомихајловистите, борците за самостојна Македонија, како и соработниците на окупаторот.

Досието на Валдхајм наводно Мојсов го предал во Белград, а Јосип Броз го чувал долго во своите архиви. Како впрочем и КГБ и другите светски тајни служби, кои го уценувале Валдхајм додека бил ген-сек на ОН за неговото нацистичко минато, и КОС и УДБА наводно го искористиле ова досие, за Лазар Мојсов, од 1977-1978 година да биде избран на функцијата претседател на Генералното собрание на ОН.

Во дипломатскиот врв на екс Југославија, покрај Лазар Мојсов, кој беше член на претседателството на СФРЈ по смртта на Јосип Броз, особено се истакнуваше и последниот секретар на сојузното министерство за надворешни работи Будимир Лончар, а во негово време во МНР своја улога имаше и помошникот секретар Срѓан Керим.

Се разбира, авторите не нудат никакви докази, но посочуваат оти не е случајно што Керим во 2008 година, станал претседател на Генералното собрание на ОН, искористувајќи ги истите дипломатско-разузнавачки германско-екс-југословенски врски.

Поврзани новости