Отворањето на границите не е некој значаен ризик за зголемување на бројот на ново дијагностицирани случаи затоа што локалната трансмисија е најголемиот ризик, изјави министерот за здравство Венко Филипче за време на попладневната посета на Клиничка болница-Битола.
Според Филипче, отворањето на границите со воспоставената контрола на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти.
-Како што е познато на почетокот на кризата имавме случаеви кои дојдоа од странство, но тие беа ризик за мал број контакти во нивната непосредна околина. Доколку се почитуваат превентивните мерки тогаш овој ризик практично се сведува на минимум. Не може ниту една држава од светот да живее сама во себе затворена со затворени граници. Сметам дека отворањето на границите со контролата што ја имаме, односно термалните камери на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, сметам дека нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти, посочи министерот Филипче.