Нема да ја признаеме независноста на Косово, порача Вучиќ

by Фокус

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Бујановац изјави дека во однос на планот за Косово важно е да се исполнат сите досегашни договори потпишани од ЕУ и истакна дека формирањето на Заедницата на српските општини е единствената преземена меѓународна обврска и тоа пред 10 години.

Вучиќ рече дека се чини оти нема многу напредок во преговорите во Брисел. Тој рече и дека е тешко да го прифати предлогот на Франција и Германија. Околу тоа дали решението би можело да биде размена на територии или разграничување, рече:

„Кога се обидував да решам нешто, сите ми скокавте на грб, важно е да се исполнат претходните договори, прашувате дали ќе исполнам нешто што не сум го потпишал, па што е исполнето од тоа што потпишавте и што беше преземено како меѓународна обврска, а единствената прифатена меѓународна обврска од пред 10 години е ЗСО и четири документи поврзани со ЗСО“.

Тој додаде дека не решава Курти дали ќе го исполни она што е меѓународна обврска, туку дека тоа е работа на ЕУ и на сите потписници.

-Јас нема да бидам тој што ќе ја потпише независноста на Косово, срам ми е да одам низ Србија и да се правдам пред кого било. Нема предавање, нема да ја признаеме независноста на Косово ниту де факто, ниту де јуре, но ние сакаме мир со Албанците, сакаме пристојни односи – порача тој.

Поврзани новости