Нема да ги затвориме очите и ушите за окупацијата спроведувана од профашистичката влада во Софија, порача Пендаровски

by fokus

Наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, а концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република.

Ова се дел од пораките што ги упати претседателот Стево Пендаровски од централната манифестација во Скопје, во рамки на чествувањето на Илинден, на која постхумно ги одликуваше со Орден на Република Северна Македонија, Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество, а со Орден за воени заслуги, Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења. На свеченоста со Медал за храброст ги одликуваше Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева.

Пендаровски потенцираше дека на Свети Илија го славиме нашиот најголем државен празник, затоа што, како што рече, на денешен ден, македонскиот народ и неговите сонародници ги воспоставија своите две републики – Крушевската во 1903-та и асномската во 1944 година.

-Со овие одликувања ние денес на симболичен начин правиме обид за исправање на неколку историски неправди. Првата, направена со пропустот Невена Георгиева-Дуња да биде прогласена за народен херој. Втората со отстранувањето на Крсте Црвенковски од јавниот и политичкиот живот поради неговите либерални ставови и прогресивни политики. Третата со обидите да се релативизира значењето на НОБ и АСНОМ како папочна врска меѓу нашиот прв и нашиот трет Илинден, наведе Пенадровски.

Пендаровски порача дека во рамки на нашите заложби за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, имаме цврста намера, како што рече, да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови.

– Концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Овие напори се жртвата на нашата генерација за нашите млади и за нивната иднина. Но, за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома каде што треба да продолжиме да ја градиме државата како праведна и прогресивна во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство и ефикасен правен систем што ќе ги сузбива криминалот и корупцијата, рече Пендаровски.

-Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија.

Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда. Токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт.

Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината. Затоа, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината, истакна претседателот.

Порачувајќи дека со историската вистина нема компромис, како и дека говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза, потенцираше дека проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината. Затоа, нагалси, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината. Не треба да чувствуваме никаков страв. Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. А наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина, рече Пендаровски.

Поврзани новости