Нема corpus delikti за да се докаже кривично дело кај Павле Богоевски

by fokus

Пратеникот Павле Богоевски денеска бил во скопското Јавно обвинителство да се пријави откако призна дека набавувал масло од канабис за негов близок пријател. Според извори на „Фокус“ во скопското Обвинителство одбиле да му земат исказ на Богоевски и да покренат постапка, бидејќи сметаат дека нема кривично дело во случајот.

Според неофицијални информации Обвинителство не може да покрене постапка во случајот со Богоевски бидејќи нема докази кои би докажале дека пратеникот на СДСМ навистина набавувал марихуана. Содржината на снимката не би можела да се употреби како доказ, бидејќи не упатува на ништо. Единствено неговото признание може да се употреби како иницијална каписла, но во тој случај ќе мора да се обезбедат други докази.

Со тоа што недостасува самата марихуана, која е corpus delikti  во случајов, недостасува и клучниот доказ против Богоевски. Corpus delikti е термин што се користи во правото, а кој се однесува на принципот дека лице може да биде осудено само ако се докаже извршувањето на кривично дело. Од ова произлегува дека осомниченото лице не може да се осуди само врз основа на сведочење.

Во случајот со Богоевски треба марихуаната да биде пронајдена, да се утврди количината, да се даде на вештачење, да се измери и да се утврди нејзиниот состав, потоа преку МВР да се најде сторителот, од кого е набавена, па дури потоа да се оформи предмет. Но се додека нема дело и нема докази, не може да се покрене ниту постапка против Богоевски.

Од скопското Јавно обвинителство, пак, велат дека се уште е рано да се каже дали и против кого ќе има постапка и дека допрва треба да бидат проверени наодите.

-Во поглед на содржината на снимката, тука пратеникот даде свои наводи во поглед на снимката и содржината. Обвинителството постапува согласно своите овластувања и ќе направи проверки  во поглед на самата содржина на снимаката и дали може да се обезбедат релевантни докази кои би упатиле на кривичното дело – вели за „Фокус“ шефот на скопското Јавно обвинителство, Сашо Рајчев.

Дополнително, додава тој, ќе се истражува и неовластеното снимање, откако Богоевски рече дека снимката како разговара на телефон ја направил таксист додека се возел во такси.

-Предметот е во фаза на предистражна постапка. По напатствија на обвинител се прават проверки преку МВР за утврдување на идентитетот на сопственикот на профилот на кој се објавени снимките и на руската социјална мрежа. Тоа треба да се направи од страна на МВР, како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторител на кривични дела – додава Рајчев.

М.В.

Поврзани новости