Биолошка терапија нема за сите онколошки пациенти, кои би можеле да ја добиваат, поточно пари има само за 24 отсто од пациентите кои примаат терапија во дневната болница, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, објавен денес.
Во текот на 2023 година, како што информираат од ДЗР, изготвени се и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, но се уште не се одобрени од страна на Министерството за здравство.
– И покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата, односно одобрените средства се доволни за приклучување на само 24 отсто од пациентите кои примаат терапија во дневна болница – се наведува во извештајот.
Од ДЗР посочуваат дека воспоставениот начин на контрола од Фондот и плаќање на една дванаесетина од износот на условниот надоместок и понатаму остава простор фактурите кои се доспеани да не се платат навремено.
Состојбата на вкупните обврски на Клиниката на 31.12.2023 година изнесува приближно 952 милиони денари од кои доспеани се 402 милиони денари, а нивната доспеаност е сведена од 2 години на 6 месеци.
– Клиниката е единствениот функционален центар на територија на државата кој дава услуги на пациенти од областа на радиотерапијата. За таа цел до денот на вршење на ревизијата во соодветни простории инсталирани се и функционални три линеарни акцелератори со кои според информациите од Клиниката се даваат услуги во просек од 180 до 200 пациенти дневно – се наведува во извештајот.
Во последните две години, ова е втор извештај на ДЗР за состојбите на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија. И во првиот извештај излегоа со алармантни податоци за случувањата на клиниката, а „Фокус“ со оваа тема се занимаваше повеќе од една година.
(АРХИВА) Бизнис империја: Над 40 милиони евра за набавка на биолошка терапија во рацете на Пановски!
(АРХИВА) Онкологија набилда долг од 20 милиони евра, вработени крадат цитостатици од болните од рак!
Ирена МУЛАЧКА