Неколку компании се договориле да го продаваат лебот поскапо во Скопје, вели Бектеши

by Fokus

Министерот за економија, Крешник Бектеши, обвинува дека постои картел меѓу неколку компании за производство на леб во Скопје. Според него неколку компании се договориле лебот во Скопје да го продаваат поскапо, отколку што се продава во внатрешноста на земјата.

„Јас сум убеден, ова е мој личен став, дека во градот Скопје во делот на производство на леб, четири, максимум пет компании се здружени и утврдуваат цени по кои дистрибуираат и продаваат леб по големите супермаркети. Во внатрешноста на Македонија, цените се пониски од 32 денари, вели министерот во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој ја повикува Комисијата за заштита на конкуренцијата да го испита случајот.

„Таква работа ние како Министерство за економија нема да дозволиме додека имаме механизми да постапиме согласно Законот за трговија. Тука нема ништо спорно, имајќи предвид дека многу е дециден членот 29 и членот 30 – дека во одредени ситуации Министерството за економија може да ѝ предложи на Владата вакви ограничувања или обврски, и дека секако една од мерките може да биде замрзнување или определување на највисока цена за одреден производ“, додава тој.

На прашањето зошто Албанија има двојно пониска инфлацијата од нас, Бектеши вели дека не треба да се прават такви споредби бидејќи, според него, се работи за различна методологија во начинот на пресметување на инфлацијата. Тој додава дека инфлацијата годинава ќе биде помала од зголемувањето на платите.

Поврзани новости