Милена Кокотова, своевремено угледна професорка и директорка во гимназијата во Штип, денес на нејзини 87 години е беспомошна, болна и препуштена самата на себе. Старицата која боса, со крвави стапала и рани на нозете, вчера случајно ја забележал штипјанецот Александар Георгиевски како влегува во маркет, го оставила без зборови. Тој се загрижил од глетката, но ја изгубил жената од видик. Но, затоа кога денес повторно ја сретнал во Штип на улица, босонога и крвава на нозете, без двоумење се упатил кон неа, со цел да и понуди помош.
-Ја видов старицата во едно навистина лошо издание, ме трогна сликата. Бавно одеше по улицата, автомобилите и свиреа да им се тргне од пат, луѓето ја одминуваа. Не треба да ја погледнеш два пати за да ти биде јасно дека има голем проблем и треба да и се помогне. Ја запрев, ја прашав која е, каде оди, зошто е боса и крвава на стапалата. Таа беше доста културна, се гледаше дека е учена жена, дури и беше незгодно што ја запрев. И реков дека ќе ја повикам итната помош, дека мора да биде прегледана од лекар. Жената отпрвин одбиваше, велеше дека се е во ред со неа. Но, не можев да си дозволам да ја пуштам таква да си оди и се јавив во итната служба. Бргу дојдоа, кога ја видоа од прва, се посомневаа дека има гангрена. Ја прегледаа, и ги исчистија раните на крвавите нозе, дојде и директорот на болницата. Се испостави дека ја знае жената, му била професорка во гиманзија – раскажува Александар.
Тој во минатото цели десет години работел како пожарникар во Штип, а потоа се преселил во Швајцарија. Сега повторно се вратил во Македонија, и вели дека покрај се што видел во животот, додека работел во противпожарната служба, случајот со професорката го оставил без текст.
-Останав со неа во болницата, се јавив во социјалната служба. Ми рекоа дека ја знаат, дека кога и да ја прашале дали е се во ред, таа им одговарала дека е добро. Бидејќи прима висока пензија, најверојатно никој не се посомневал дека нешто не е во ред и дека и е потребна помош. Кога и ги санираа раните, заминав кај неа дома. Живее во зграда на шест ката, на петтиот кат. Не знам како никој од соседите никогаш не влегол кај неа дома, не се заинтересирал за старицата која е сама, нема сопруг ниту пак деца. Ми кажаа дека имала внуци, но од она што го затекнав во станот, очигледно е дека никој ја нема посетено со години. Фотографиите зборуваат сами за себе и за животот кој го живее оваа старица, некогаш ценета професорка и угледна штипјанка – вели Георгиевски.
Тој веднаш побарал помош околу расчистување во домот на професорката. Дошле две девојки и едно момче, за кое Александар појаснува дека три години е бездомник и спие на душек во трговскиот центар.
-Многу ме изненади момчето, кое и самото е бездомник, без збор, веднаш дојде да помогне во чистењето. Со девојките купивме средства за чистење и дезинфекција, цели пет часа работевме… Но, за жал, морам да кажам дека нема голем ефект, во станот е потребно да дојде специјална служба, да се изврши дезинфекција, местото е потенцијално жариште на зарази. Нема вода, славините се расипани, струја има, но нема ниту една сијалица. Како и зошто се дозволило сето ова, навистина не можам да разберам… Жената има примања, редовна пензија, но дали воопшто ја добива, кој и ја плаќа сметката за струја, немам одговор. Додека расчистувавме, уште еднаш се шокирав. Под кревети, под маси, во купиштата со ѓубре пронајдовме многу пари. Во еден плик 15.000 денари, во друг плик 20.000 денари, расфрлани банкноти од по 500 и 1.000 денари. Таа дури се израдува кога и ги дадовме, ни самата не знаеше дека ги имала. А кога ја сретнав пред маркетот ми кажа дека три дена не јадела ништо, дека е гладна- појаснува Георгиевски.
Тој додава дека со професорката започнале разговор, со тек на време се опуштила, разговарала и со девојките. Им признала дека многу се срами од се, од состојбата во домот, од својот изглед, од тоа што не може самата да се бања и да се грижи за себе. Во минатото имала операција на колкот, едвај одела по скалите во зградата, но немала кој да и купи храна, ниту пак да и помогне во домот.
-Не навлегувам во тоа каде се нејзините роднини, внуци и внуки и зошто не и помогнале до сега. Јасно е дека се работи за лице, интелектуалка која поради годините не може да се грижи за себе, но има средства, има и сопствен стан кој секако некој од роднините еден ден ќе го наследи. Кога веќе роднините потфрлиле и ја оставиле во ваква состојба, институциите мора да и помогнат! Јас и утре ќе отидам кај неа, и кажав дека не ја оставам сама. Но, дури и ако комплетно го исчистиме станот, таа не може сама да го одржува, за кратко повторно ќе биде истата слика. Жената мора да биде сместена до соодветна институција, во дом за стари лица, но првин и е потребно да оди на бања, на рехабилитација, бидејќи проблемот со нозете и е голем. Не е дури ни за раскажување, но не можела да си ги исече ноктите на нозете со години – вели Александар.
Тој апелира надлежните служби да не чекаат ниту миг, и веднаш да ја згрижат старицата, бидејќи стравува дека ако остане сама во станот, нема уште долго да живее.
-Ќе и се влоши состојбата со нозете, не смее да биде оставена вака. Социјалните служби веднаш да излезат и да реагираат! Дури и ако старицата им каже дека е добра, дека не и треба помош, бидејќи се срами и сака да си го зачував достоинството, сликите зборуваат повеќе од се. Нејзиниот живот е во рацете на институциите и ова не смее да се игнорира – порача штипјанецот.
Вики Клинчарова