Нели сакаат предвремени избори – дајте брзо до Нова година да се заврши таа работа. Доста е стрижено-косено. Договор со Бугарија има, започнати преговори со ЕУ има, па нека му мисли ВМРО-ДПМНЕ дали ќе го голтне изџваканото од СДСМ или ќе го поврати
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Деновиве некаде по порталите ми падна в очи еден наслов со „очајничко“ прашање: „До кога ќе нè труе со омразата Ангел Димитров?“ Без да гледам во содржината под насловот, јас веднаш би одговорила на ваквото будалесто прашање: до кога му се може!
Ако му се даде, тој ќе нè труе до смрт, додека не папса, како и неговата претходничка Цола Драгојчева, родена при крајот на 19 век, која, машала, си поживеа речиси сто години (1993 г.), та дури стаса да му биде ментор на „омилениов“ Ангел, историчарот што го води бугарскиот тим во историската комисија.
Не е проблем што омразата на Димитров е отровна, туку проблемот е во тоа што некои од нас се даваат да биде отруени, иако би требало да знаат дека отровот на Бугарите нас никогаш не нè загрозил. Едноставно генетски сме имуни на тој отров.
„РАСТУРЕНА САРМА“
Во минатите времиња, освен одреден круг на наши историчари и политичари, никој, ама баш никој не се занимаваше со познатите „научни приказни“ на Драгојчева, а уште помалку ѝ се отстапуваше некаков јавен простор вербално да нè „труе“. Е, сега е малку поинакво време. Медиумите оро водат, а што прават, само тие си знаат.
Ако овој народ, според анкетите, ја смета Бугарија за најголем непријател на Македонија, не можам да сфатам која е потребата на македонските медиуми во вестите да нè трујат со ликовите, изјавите, ставовите и блујавиците истурани од страна на бугарски „авторитети“ врз сè што е македонско.
Понекогаш си замислувам како би личело на Би-би-си спроти или за време на Втората светска војна, секоја вечер Хитлер, Гебелс, Геринг да имале можност да бидат слушани од Англичаните со нивните лудачки образложенија зошто треба да ги окупираат нив, цела Европа, па и светот.
Да не е време како Македонци да се замислиме кој најмногу нè труе како народ, кој секоја вечер помалку или повеќе ни ги реди настаните како туршија, како пиперки печени-гмечени: прво ред бугарска позиција, па ред домашна опозиција. Сè со една, би рекла заедничка цел. Прекин на преговорите со ЕУ и познатата крајна цел: избори и промена на власта. И да е само таа тегла што ни ја готват за зимница.
На друга маса се спрема друга тегла, во која секојдневно се дотураат разни зарзавати и мирудии од домашно производство: еден дезертер, еден шпицен кандидат, па неколку руски человеци, една забегана убавица и повеќе предавници и криминалци… и сето тоа, според рецептот како да направите „растурена сарма“, пардон, растурена држава, се прелева со солна киселина и се остава да стои сè додека состојките внатре не се распаднат.
НЕРЕАЛНИ МЕЧТАЕЊА
Но, да не береме гајле, нели „без секого се може“. А не ќе да е баш така. Еве, на пример, македонскиот народ не може без ВМРО, сакате старото, сакате ова денешново. Таа романтична, тинејџерска љубов, за жал, сè уште го држи македонскиот народ во занес и нереални мечтаења.
И, што е уште поважно, му внушува некоја будалеста самодоверба на разгалено дете, на кое ништо не му се погодува. Ќе му направат држава, е, ама не е цела со трите дела! Ќе му ја запишат државата во Обединетите нации, е ама како бивша…, ќе ја внесат во НАТО е, ама со сменето име! Ќе почнат преговори со ЕУ, е тоа е лага… Е, доста е!
Државава е на работ на банкрот. Светов ја живее најголемата економска криза по онаа од триесеттите години на минатиот век и најстрашната воена закана по Кубанската криза. Владата во такви услови само крои, планира како да се извлечеме со помали оштетувања од оваа несреќа што го разниша светот, особено Европа.
Растрчана е ваму-таму по струја и други енергенси, бара помош од сите страни. И најверојатно ќе успее, но едно ќе остане запаметено дека од дома, од домашните политички опозициони формации не доби никаква помош, не за неа, туку за државата и за народот што живее во неа.
СДСМ не успеа да му се смили на овој народ!!! Затоа треба да се повлече. Како мнозинство, веднаш нека распишат избори и нека го пуштат ВМРО-ДПМНЕ сосе Левица да ја преземе целата власт.
Да не прифаќаат референдум. Нели сакаат предвремени избори – дајте брзо до Нова година да се заврши таа работа. Доста е стрижено-косено. Договор со Бугарија има, почнати преговори со ЕУ има, па нека му мисли ВМРО-ДПМНЕ дали ќе го голтне изџваканото од СДСМ или ќе го поврати.