„Пиксел Груп“: Ковачевски не е дел од нашата компанија уште пред да стане заменик министер за финансии

by Fokus

Во време на светска енергетска криза кога на нашата Македонија, но и на целиот свет, му е насушно потребен секој произведен мегават електрична енергија, сметаме дека е под секое ниво, името на нашата компанија, како и на нашата компанија-мајка „КМГ ЕОЛ Квазар“, да се злоупотребуваат во дневни полички препукувања и безначајни прес-конференции, кажувајќи единствено лаги и класични манипулации за да се замајува јавноста, соопшти вечерва компанијата „Пиксел Груп“.

– Затоа, најостро го осудуваме секој обид за дискредитација и нашата групација да се доведе во корелација со било каква политичка структура, посочуваат од „Пиксел Груп“, реагирајќи на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков денеска на прес-конференција изнесе тврдење дека фирми основани од премиерот Димитар Ковачевски и негови семејни врски „вртат милионски суми во енергетскиот бизнис“.

– „Пиксел груп, фирма основа од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов, заедно со фирмата „КМГ ЕОЛ Квазар“, фирма само на кумот Паунов, се вмешани во бизниси во вредност од 26 милиони евра, изјави Лефков.

Во соопштението на „Пиксел груп“ се посочува дека уште пред назначувањето на премиерот Ковачевски за заменик министер за финансии, истапил од сопственичката структура на компанијата, бидејќи тоа е неспоиво со неговиот политички ангажман.

– Затоа уште еднаш потенцираме дека е за секаква осуда нашите компании да бидат жртва на нечии потреби за дневен политички рејтинг и бараме да не се користи името и на „Пиксел груп“ и на „КМГ ЕОЛ Квазар“ за политички маркетинг, се наведува во соопштението.

Од „Пиксел груп“ посочуваат дека компанија на македонскиот пазар постои од 2018 година и постојано работи по највисоки корпоративно технолошки и етички стандарди.

– Целта на „Пиксел груп“ е да го забрза прифаќањето на соларната технологија како предуслов за зачувување на животната средина и да овозможи одржливо ,ефикасно и еколошко снабдување со електрична енергија,произведена од сончевата светлина. Ние работиме на слободен пазар, како приватни компании, по сите законски прописи и по највисоки етички стандарди и не користиме никакви специјални услови, надвор од оние кои на сите компании од оваа дејност им се даваат на располагање и им следуваат по закон, додаваат од „Пиксел груп“.

Во соопштението се додава и дека компанијата „КМГ ЕОЛ Квазар“ е основана во 2007 година и е пионер во областа на фотоволтаичните системи и енергетската ефикасност.

Компанијата додава дека во неа во моментов работат околу 30 вработени на кои што редовно им се исплаќаат плати и придонеси и „се горди и задоволни што работат во високо технолошка и модерна компанија. Како и досега, стоиме транспарентно во објавување на секој податок и информација што е во интерес на јавноста и на нашата држава, се наведува во соопштението.

Поврзани новости