На денешното рочиште за случајот „Маџар телеком“ одбраната уште еднаш побара екс премиерот Владо Бучковски да се појави како сведок, поради што инсистираа и обвинителката Лиле Стефанова да се произнесе за овој предлог.
Обвинителката Стефанова пак посочи дека не во можност да се произнесе на денешното рочиште, бидејќи како што појасни, треба да превземе дополнителни дејствија, посочувајќи дека Бучковски е осомничен во предистражна постапка на СЈО за предмет кој е поврзан со „Маџар телеком“. Поточно Бучковски можеби ќе стане обвинет, па затоа не може да се појави и како сведок.
-За да се произнесам по овој предлог потребно е СЈО да превземе други дејствија зошто Бучковски се јавува како осомничено лице во друга предистражна постапка која е тесно поврзана со овој предлог, истакна обвинителката Стефанова.
Како што веќе објави неделникот „Фокус“, редовното обвинителство со години „истражуваше“ дали поранешните македонски функционери Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери земале мито во аферата „Маџар телеком“. Сега предметот, кој се уште е во фаза на предистрага, е во надлежност на СЈО.
Судењето за „Маџар телеком“ пак е почнато во 2011 но рочиштата постојано се одложуваа. Од неодамна, СЈО го презеде случајот.
Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маџар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.
На наредното рошиште кое е закажано за 8 мај треба да сведочи професорот Борче Давитковски, а Слободан Богоевски е предвидено да сведочи на 24 јуни.
В.В.