Неготинци исплашени за своето здравје: Секое утро од два часот започнуваме да се гушиме!

by Fokus

Жители на Неготино, кои живеат во индустриската зона, во близина на излезот кон Кавадарци се обратија до „Фокус” со апел надлежните служби да излезат на терен и да откријат од каде доаѓала и што содржела миризбата која би будела секое утро после два часот и траела до четири часот наутро.

Велат дека проблемот со неподносливата миризба на изгорено траел подолго време, а во летниот период, поради отворените прозорци состојбата дополнително се влошувала и им било јасно дека нешто се случува во раните часови и дека некој нешто гори.

-Подолго време трае ова, но ние не можеме да откриеме од каде доаѓа оваа ужасна миризба, која започнува да се шири после два часот наутро. Кој што работи, и кој со што не труе, треба да истражат надлежните служби. Затоа апелираме јавно, преку ,,Фокус”, во тој период, значи од околу два часот, па се до четири часот наутро, да излезат на терен инспектори од Државниот инспекторат за животна средина.

Не можеме да отвориме прозорец среде лето, не се диши, исплашени сме за нашето здравје. Овде има повеќе објекти од лесна индустрија, ние жителите не би можеле да тврдиме кој стои зад овие случувања, потребен е инспекциски надзор бидејќи ова е неподносливо.

Посебно во близина на зградите „Три неготинки”, и преку затворени прозорци веќе мирисот навлегува во домовите. Оваа недела состојбата е преалармантна, пред тоа се случуваше повремено, сега веќе со денови се повторува истото, започнува кај два, кај два и триесет, па без прекин до кај четири часот, и сакаме да дознаеме што е ова кое ние го дишеме-апелираат жители од тој дел на градот.

Порачаа инспекциските служби да излезат на терен, а потоа со официјално соопштение да им појаснат на граѓаните од каде доаѓала миризбата. Бараат итно да се реагира, загрижени за своето здравје.

Вики Клинчарова

Поврзани новости