Од 21-ви до 23-ти септември во Неготино ќе се одржи традиционалната манифестација Неготински панаѓур, настан кој датира стотина години наназад и кој привлекува голем број на посетители во градот.
Пред почетокот на панаѓурот, на 20-ти септември, актуелна е Манастирската вечер, кога граѓаните масовно го посетуваат манастирот Свети Ѓорѓи, каде се нуди бесплатен оброк – манастирска јанија или грав, во чест на верскиот празник Мала Богородица.
Гости од други градови, политички делегации, раздвиженост околу штандовите, распалени скари и жива музика е сликата од панаѓурските денови во Неготино.
Панаѓурот во Неготино, кога центарот на градот е полн со штандови на кои се продава од ,,игла до локомотива”, а угостителските локали најчесто имаат жива музика, е настан за кој неготинци паметат дека единствено не се одржа во 2020 и 2021 година, поради пандемијата со корона вирус. Веќе наредната, односно 2022 година, кога состојбата со вирусот се смири, традицијата продолжи.
Но, ланското издание на панаѓурот покажа дека настанот веќе го губи својот сјај, и бројот на посетители беше очигледно многу помал од годините наназад. И бројот на трговци кои ги изложуваа своите производи беше намален, и многу од нив коментираа дека тоа се должи на популарното купување преку интернет, односно дека така им е олеснета продажбата на трговците, кои не мора да поминат три дена и три ноќи под отворено небо во Неготино, покрај штандовите, а заработката била речиси иста.
Цените за изнајмување на штандови, во зависност од локацијата се движат од 700 до 2.700 денари за метар квадратен, а во таа сума спаѓал и приклучокот и трошокот за електирчна енергија.
Кога е панаѓурот во прашање, неготинци се поделени и актуелни се сосема спротивставени ставови околу неговото одржување. Граѓани кои сакаат да се продолжи со старата традиција и настанот го гледаат како можност за забава и дружба, категорични се дека панаѓурот по никоја цена не смее да замре.
Од друга страна, локалните трговци тврдат дека по секој панаѓур им следуваат месеци на криза, бидејќи граѓаните ги трошат парите купувајќи од штандовите, а актуелни се и реакциите на жителите од централното подрачје, кои се жалат на нехигиена и нечистотија, испомочани дворови и влезови, сообраќаен метеж и зафатени паркинг места.
-Знаете ли што се случува секогаш после 23-ти септември? Тотално фијаско! Човек не ми влегува во бутикот, се жали локален сопственик на бутик за гардероба.
Тезгаџиите дојдени најчесто од Шуто Оризари, нудат производи по пониски цени, граѓаните ќе се опремат со се што им треба, фармерки, тренерки, јакни, а ние, дуќанџиите кои плаќаме даноци и такси, на крај остануваме без купувачи во наредните месеци. Парите од општината се излеваат надвор од неа, завршуваат кај трговците од други општини.
Панаѓурот е огромна штета за локалната економија, тоа најдобро го чувствуваме ние, кои сме дел од приватниот сектор и кои се бориме за опстанок во еден мал град, нудејќи ги нашите производи. Во период кога граѓаните добиваат пари од продажбата на грозјето, тие истите ги трошат купувајќи од панаѓурските тезги, а единствена заработка во Неготино имаат кафеанџиите- вели нашиот соговорник.
И на социјалните мрежи, на страници посветени на градот се актуелни превирања околу тоа дали панаѓурот му носи нешто добро на градот. Едни веднаш би го укинале, други не го даваат по никоја цена.
Жители во централното подрачје, каде се лоцирани штандовите и три дена е најраздвижено пак, велат дека и покрај тоа што општината обезбедува мобилни тоалети, нехигиената е на доста високо ниво. Тезгаџии, но и посетители многу често им вршат нужда во дворовите и во влезовите на зградите, а поради сообраќајниот метеж не можат да функционираат непречено.
-Во минатото дури и немаше мобилни тоалети. Сега, во последните години кога ги има, пак остануваат старите навики, да се врши нужда каде ќе се стигне. Тие луѓе тука доаѓаат уште вечерта на 20-ти септември, ги поставуваат тегзите и четири дена и ноќи не мрдаат од таму. Некои спијат под тезга, некои во автомобили, немаат каде да се истушираат, уште од вториот ден започнува да се шири неподнослива миризба!
По завршување на панаѓурот, општината го чисти плоштадот и центарот, а ние самите мораме да дезинфицираме во влезови и дворови, бидејќи се плашиме од зарази. На оние кои ќе прошетаат околу тезги или пак ќе поседат во кафеана можеби им е интересно, но не е така и за оние кои живеат во центарот – појаснуваат неготинци.
Во Кавадарци, за разлика од Неготино беа актуелни два панаѓури, пролетен и есенски. По реакции на граѓаните, кои се жалеа на нехигиена, но и на нанесување на штета на локалната економија, панаѓурите пред неколку години беа укинати.
Вики Клинчарова