Од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Неготино ги информираат граѓаните дека во текот на утрешниот ден (четврток, 24 ноември) ќе има прекин во водоснабдувањето во времето од 10 до 20 часот.
Одговорните појаснуваат дека прекинот ќе биде поради изведување работи за приклучување на новоизградениот водовод во Тимјаник со зафатнина од 500 метри кубни на постоечкиот водоснабдителен систем, а чија вода ќе биде наменета за подобрување на водоснабдувањето на жителите кои живеат во висока зона во Неготино, со што пак ќе дојде до растеретување на водоснабдувањето и во ниската зона во градот.
Од ЈП „Комуналец“ апелираат до населението за разбирање, правдајќи се дека сите проекти кои се реализирани и се реализираат се со единствена цел-обезбедување 24 часовно водоснабдување за граѓаните на Неготино.
Проблемот со водоснабдувањето во Неготино е децениски. Посебно, во летниот период, кога има секојдневни неколкучасовни рестрикции, и целовечерни рестрикции, па граѓаните се принудени дома да чуваат шишиња полни со вода. И покрај тоа што веќе подолг период трае реконструкцијата на водоводната мрежа, единствени во градот кои што немаат проблем со водата, се оние кои што инвестираа по околу 600 евра и дома си поставија хидрофори.
Вики Клинчарова