Жителите на Општина Неготино кои се против изградба на депонија за инертен индустриски отпад на нивното подрачје, можат да го дадат својот потпис во општинската зграда, односно во подрачната канцеларија на ДИК, во периодот од 10-ти до 18-ти декември, секој работен ден од 8.30 до 15.30 часот.
Потребно е да се соберат 100 потписи, односно потребно е да се потпишат 20 проценти од граѓаните, а списокот со потписи, според закон, ќе биде доставен кај претседателот на Советот на општината, Диме Витанов.
Доколку се соберат потребните потписи, ќе биде распишан референдум на локално ниво, каде неготинчани ќе се изјаснат околу прашањето со депонијата, која е главна тема во градот веќе неколку недели.
Писменото барање за покренување на иницијатива за одржување референдум за стопирање на постапката за изградба на депонија за инертен отпад беше доставено од страна на здружението на граѓани Ековита. Инвеститор на проектот -Депонија за инертен и индустриски неопасен отпад во КО Пепелиште, место викано Шобово, Неготино, е Друштво за производство, инженеринг и трговија П&П Индустриес ДОО Скопје.
На локацијата ќе се третирал и депонирал комерцијален отпад, отпад од пакување, суви фракции од отпад и отпад од компании кои работат во секторот пластика, гуми и текстил.
Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина од изградба на депонија за инертен и индустриски неопасен отпад во општина Неготино, изработена од Деконс – Ема, друштво за еколошки консалтинг, поголема област околу предвидената депонија е одбележана како можно идно прилагодување и проширување на депонијата.
Граѓаните се револтирани од најавениот проект и се загрижени за своето здравје, како и за животната средина. Немаат доверба во убедувањата на градоначалникот Тони Делков дека на депонијата нема се депонира опасен отпад, туку станувало збор за индустриски инертен отпад. Во неколку наврати во градот беа расфрлани летоци, но излепени плакати на кои јасно му порачаа дека нема да дозволат изградба на депониja.
Вики Клинчарова