Неготино против најавената депонија: Не праша ли некој дали сакаме депонија за индустриски отпад?

by fokus

Утринава неготинчани ги дочекаа летоци низ целиот град на кои пишува –Стоп за депонија во Неготино, стоп за индустриски и инертен отпад.

Граѓаните се загрижени за најавената иградба на депонија на Криволак, и веќе на социјалните мрежи се формираше групата Спас за Неготино, каде ги изразуваат своите стравови и бараат од градоначалникот Тони Делков, но и од претседателите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ од Неготино, Јане Трајков и Златко Пенков, јавно да го кажат својот став по ова прашање.

-СТОП ЗА ШТЕТНИ И ОТРОВНИ материјали, хемикалии и отпад, и генерирање на отпадни води кои може да предизвикаат негативни влијанија врз површинските и подземните води во случај на несоодветно управување со отпадните води или несакани истекувања и инцидентни состојби (истекување на горива, бои, растворувачи, хемикалии или нестврднат бетон и слично.)

Не смееме да дозволиме да ги доведеме во загрозувачка состојба здравјето и животот на населението нашите деца како и водата и храната.

Општина Неготино и регионот како земјоделски крај не смее да дозволи да ги доведе во прашање земјоделските производи и храната бидејќи е можно загадување на производите преку почвата и подземните води. Не смееме да дозволиме загадување на почвата а преку тоа и лозовите насади. Не смееме да дозволиме загадување на воздухот – пишуваат во групата.

Прашуваат дали некој побарал согласност од граѓаните, и сметаат дека е недозволиво ваков проект да помине без јавна анкета на која што неготинчани ќе се изјаснат дали се за или против.

И екологистите од регионот го кренаа гласот против депонија во Неготино и порачаа дека е лудило и да се размислува за овој проект.

Проектот за депонијата бил претставен од Александар Петковски, помошник раководител на Секторот за животна средина при Министерството за животна средина, сектор кој води постапки за оцена на влијание врз животната средина, согласно на законот за животна средина.

На средбата било кажано дека во март годинава било доставено известување за намера со презентирање на проект за депонија за индустриски и неопасен отпад во општина Неготино, за потребите на инвеститор од Скопје.

Согласно Законот, Министерството го објавило јавно тоа известување и го задолжило инвеститорот за изготвување на студија за оцена на влијание врз животната средина. Студијата била доставена до општината во месец октомври.

Компанијата инвеститор, била отворена со помош на швајцарска инвестиција пред три години, и се занимавала со инжинерство, развој и унапредување на контролираното депонирање и примена на алтернативната енергија. Проектот предвидува изградба на инсталација во која индустрискиот неопасен отпад од државава првенствено ќе се третира, а тоа што не може да се третира ќе се одлага на депонија.

Било предвидено депонијата да биде поставена на површина од 16 до 17 хектари. Граѓаните се доволно загрижени поради близината на воениот полигон Криволак, а летово кога таму се одвиваа вежби на НАТО војската над градот лебдеше густ облак речиси цела недела. На прашањата што се случува, одговорот од надлежните беше дека нема место за паника бидејќи се работело за регулирани пожари. Во градот официјално нема мерна станица за загаденост на воздухот. Во период кога е актуелно варењето на ракија, поради тоа што се работи за лозарски крај, градот се буди во чад. Проектот со депонијата само дополнително ќе допринесе да се зголеми загадувањето и ќе го загрози здравјето на сите, сметаат загрижените граѓани. Сметаат дека ова е еден исклучитено штетен проект, и стравуваат дека ќе биде протуркан без согласност од мнозинството неготинчани, и веќе се најави собирање на потписи против депонијата.
Вики Клинчарова

Поврзани новости