1.1K
Високите температури, но пред се дневните рестрикции на водата за пиење, се причината поради која неготинчани се почесто го бараат спасот во водите на базенот ,,Хавана”.
Колони од стотици возила, како пред грчка граница за време на државен празник, е сликата која што може да се види деновиве на влезот во Неготино, пред градскиот базен.
Високите температури, но пред се дневните рестрикции на водата за пиење, се причината поради која неготинчани се почесто го бараат спасот во водите на базенот ,,Хавана”.
За време на викендот, од премногу капачи, не можеше да се најде место за паркирање не само пред базенот, туку и стотици метри долж улиците во индустриската зона. Трите базени во склоп на комплексот беа преполни со народ, па не можеше ниту да се плива, туку единствена опција остануваше да се лебди во водата. Но неготинчани, испатени поради рестрикциите на вода, со кои се соочуваат повеќе од дваесет години, велат дека се благодарни и на тоа.
,,Уште пред долги години имаше некои ветувања од Општината дека ќе се гради базен покрај спортската сала ,,Младост”, но не видовме ниту базен, ниту пак вода. На температури од над 40 степени Целзиусови, среќни сме што го имаме ,,Хавана” кој е во приватна сопственост, оти дома без вода, на овој пекол не се седи. Ниту можеш да се истушираш, ниту да се разладиш” – велат дел од посетителите на базенот, кои ги има од сите возрасти, од бебиња, па до пензионери.
Рестрикциите на водата во градот покрај реката Вардар не прекинаа и во екот на најголемите жештини. Напротив, дури се зголеми нивното времетраење.
Чешмите пресушуваат уште пред 12 часот во тек на ден, а водата доаѓа дури после 17 часот. Токму во тој период на денот, гужвата во ,,Хавана” е најголема.
Исто така и во тек на ноќта, од околу 22 часот, повторно нема вода, се до раните утрински часови.
Уште во фебруари 2014 година, од кабинетот на градоначалникот Ванчо Апостолов соопштија дека сериозно се работи на решавање на проблемот со недостигот на водата.
,,Неготино ќе биде првиот град во Република Македонија во кој ќе бидат поставени уреди за хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење која доаѓа до домовите на граѓаните, со што на најсофистициран можен начин секојдневно ќе се следат и ќе се вршат неопходните
мерења. Ова е резултат на потпишаниот договор од страна на првиот човек на општина Неготино, градоначалникот Ванчо Апостолов и претставникот на една од 10-те надобро рангирани фирми во светот ИМГ од Загреб-Хрватска која ќе ја има улогата на изведувач на работите.
Станува збор за еден од неколкуте проекти што се спроведуваат со цел
за подобрување на водоснабдувањето на подрачјето на неготинска општина. Проектот чини над 20 милиони денари – средства кои ќе се обезбедат од општинскиот Буџет, а со неговата реализација дефектите на водоводната мрежа ќе се сведат на минимум, Комуналец ќе заштеди во делот на ангажирањето на работна сила и издвојување финансии за поправка на дефктите, а што е најважно,со хидрауличното регулирање притосокот на водата која доаѓа до домаќинствата ќе биде ист во сите зони од градот, што пак ќе придонесе до нејзино рамномерно распоредување и достапност во сите домови. Се очекува реномираната хрватска фирма работите да ги заврши до крајот на тековнава година” – тврдеа тогаш во соопштение за медиумите од неговиот кабинет.
Во септември истата година, беше поставен камен – темелник од страна на градоначалникот Апостолов, претставникот на фирмата изведувач ИМГД од Самобор – Хрватска, Томислав Витовски и директорката на ЈП Комуналец, Наташа Лазова, и со тоа беше означен стартот на работите на проектот ,,Хидраулично регулирање на притисокот на водата за пиење во Неготино” финансиран со средства во висина од 20.000.000 денари обезбедени од општинскиот буџет.
Со тоа, Неготино стана првиот град во земјава во кој се поставуваат уреди за хидраулично регулирање на притисок на водата, што овозможува секојдневно следење и мерење за рамномерен доток на водата за пиење.
Тогаш Апостолов изјави дека овој проект е тој кој во најголема мера го решил проблемот со водоснабдувањето, а потенцираше дека во тек биле уште три други проекти, како на пример промена на водомерите во градот, изградба на уште два резервоари за вода и реконструкција на водоводната мрежа на 15 улици во должина од осум километри.
И покрај сите најави за испраќање на проблемот со водата во историја, уште пред три години, тој сеуште не е решен и рестрикциите се присутни секојдневно, па за време на пеколните жештини, неготинчани спасот го бараат на базен.
Вики Клинчарова