Негативно мислење и за употребата на името Цар Борис III во називот на здружението од Охрид

by Fokus

Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид, соопштија од Министерство за правда.

Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе решение по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата.

Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.

Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани.

Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Претходно, по негативното мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности, министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива барањето за користење на името на контроверзната личност Иван Михајлов во називот на здружението „Иван Михајлов“ од Битола. Веднаш потоа здружението беше избришано од Централен регистар.

Поврзани новости