Поранешниот советник од ДУИ во Советот на општина Охрид, Нефи Усеини кој изгради бетонска база на брегот на Охридското езеро, а со него беа поврзани и други контроверзии, станал член на Комисијата за заштита на животната средина во општината на Охрид.
Како што е објавено на веб страницата на општината, комисиите на Советот на општината
расправаат за прашања од областа за која се формирани;
даваат мислење и предлози до Советот;
ги разгледуваат предлозите на градоначалникот, на членовите на Советот и иницијативите на граѓаните од областите за кои се формирани.
Усеини од вчера, преку неговата градежна компанија „НЕФИ ИК“, ангажирана како подизведувач на сараевската „Енергоинвест“, започна да го гради 400 киловолтниот далновод од Битола до македонско-албанската граница.
Тој го привлече вниманието на јавноста со дивоградбата кај Чинарот и бетонската база на брегот на езерото, која беше урната во 2020 година, а беше еден од аргументите за одземање на заштитниот статус на Охрид и околината во УНЕСКО.
Истата година доби и кривична пријава за насилство, откако Спиро Топаловски го обвини него и неговиот брат Ибро дека го претепале, како и дека му впериле пиштол во главата на неговиот 14-годишен син.
Полицијата поднесе кривични пријави, Обвинителството отвори предмет, а Усеини и неговиот брат тогаш избегаа и не беа достапни за органите на прогонот. Случајот се затвори откако нападнатиот ја смени изјавата.