Неделкова: Кривичната пријава против мене е смешна, Вангеловски е новиот Панчевски!

by fokus

По информацијата дека претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски поднел кривична пријава против судијката Лидија Неделкова, бидејќи наводно лани изготвила писмо со невистинита содржина адресирано за Кривичниот суд, а во кое пишувало дека СЈО мора да се легитимира по однос на својата надлежност за секој предмет што го работат, со реакција се јави Неделкова, која кривичната пријава ја оцени како смешна.

На барање на „Фокус“ да ја искоментира кривичната пријава против неа, судијката Неделкова ни истакна дека пријавата е смешна и доаѓа од некомпетентно лице.

-Пријавата против мене е смешна и чиста глупост која доаѓа од некомпетентно лице, без разлика на формалната функција која ја извршува. Ќе кажам само дека Вангеловски е новиот Панчевски, па се надевам дека се разбираме, изјави Неделкова за Фокус.

На нашето прашање дали вакво писмо навистина постои, Неделкова истакна дека може само да каже дека станува збор за доверлив документ, поради што и оние што ја напаѓаат не го објавиле јавно, додавајќи и дека сите обвинувања се невистинити.

Врховниот суд пак денеска ја информираше јавноста дека на 17 јануари порталот „Судство“ до Врховниот суд доставил барање за добивање информација за тоа дали во 2016 година Одделот за казниви дела на Врховниот суд донел став, правно мислење или заклучок во врска со легитимирањето на Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, во постапките пред судовите.

-По извршената проверка Врховниот суд утврдил дека тогашната претседателка на Одделот за казниви дела во Врховниот суд на 25 март 2016 година изготвила писмо со невистинита содржина адресирано до Основниот суд Скопје, во кое е наведено дека Одделот за казниви дела го разгледал барањето и дека дал одговор со кој укажал на потребата Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите соодветно да се легитимира по однос на својата надлежност, а поврзано со конкретен кривично правен настан, иако одделот не одлучувал по тоа барање и не се произнел по барањето. Писмото, потоа, повторно било заведено со датум од 1 декември 2016 година и било доставено до Основниот суд Скопје.

За невистинитоста на податоците во писмото, претседателот на Врховниот суд со свое писмо на 22 јануари годинава го известил претседателот на Основниот суд Скопје, се вели во соопштението на Врховниот суд.

Фотографија: Академик

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости