ФОТО Фијат Цановски ги пречека во суд „рушителите“ на неговиот „Космос“

by fokus

На судењето по предметот „ТНТ“ на СЈО, денеска во Кривичниот суд дојде и бизнисменот Фијат Цановски, сопственик на објектот „Космос“, за чие рушење се однесува предметот.

Цановски дојде во судот пред да пристигнат Никола Груевски и Миле Јанакиески. СЈО ги товари како прво и второобвинет во овој предмет, за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба. Како што рекоа на денешното рочиште обвинителите на СЈО, Груевски, незадоволен од бавното темпо со кое се извршувало механичкото рушење на објектот, побара Општината Гази Баба да користи динамит со што би се забрзала постапката.

Фото: Томислав Георгиев

Со одлука на Апелација „бомбите“ ќе бидат користени како докази во овој предмет. Прислушуваните разговори покажуваат како наводно Груевски и Јанакиески се договараат за уништувањето на објектот.

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски (7)

НГ: Миле, како е?

МЈ: Добар.

НГ: Како оди ова со Космос бе, следиш таму?

МЈ: Да, да, да. Значи вака.

НГ: Што се случува таму?

МЈ: Молам?

НГ: Што се случува таму?

МЈ: Сега одиме на тој помалиот објект. Ако успееме денес да го срушиме малиот објект, значи баш онака како што зборевме со вас, со вол, ама модерно ќе биде. Големи две машини обезбедивме од Бетон, тие се по 30 тонски, ги сечат со…

НГ: Ха ха ха….Со модерен вол. Ха ха.

МЈ: Да. Буквално на тој систем, зошто да не праиме тендери, глупости. Значи, се сечат столбовите и кога ќе бидат исечени, само со сајли, двата големи што се, тие се Катепилари, ќе го истргаат столбот и треба зградата да падне.

НГ: Мхм.

МЈ: И така ќе одиме, вертикала по вертикала. Денес околу, зависи кога ќе се заврши со сечењето, пет и пол, шес, седум. Ако успееме така, ќе одиме со сите така ламели. Не знам, зависи од сечењето. За 7-8 дена да завршиме.

НГ: До тука… исто и од другата така?

МЈ: Да де, да. Тоа е тоа. Видете, знаете шо е проблемот таму

НГ: Модерен вол.

МЈ: Првите два спрата се платни, платна значи, не се столбови, туку е целосно бетонско.

НГ: Аха.

МЈ: И тоа ни прави поголем проблем. Ги зедовме овие најјаките камиони, ако има уште некој камион, 9-ка ги викаат тие, појаки малку, ама таков еден-два биле. Само да пробаме со овие, ако не, од утре ќе ги бараме и нив.

НГ: Аха.

МЈ: Овие се од Бетон. И Гранит имале исто такво, некој Албанец работел на Цементарница.

НГ: Значи, до вечер за малата ќе се знае?

МЈ: Ќе се знае и за малата и за генерално за цел објект.

НГ: Сега дојдоа од Американска амбасада, загрижени за спроведувањето на законот. Заменик амбасадорот, зошто вака, зошто така, тој беше ваш пратеник па сега е со СДС, он го финансираше А1, тврди дека е заради тоа. После викам ја, па он јавно призна дека имал грешка. Па вика, да, јавно призна, ама вика дека не била голема грешката и дека ова сé му е заради А1 и дека мала била грешката, за 1 метар. Нели ти ми кажуваше дека била за цел спрат, под земја?

МЈ: Метар и пол е значи над кота замина, а плус има и дополнително стубови.

НГ: Аха. Добро. Значи, до вечер малата?

МЈ: Значи, така е, така се, така очекуваме да биде.

НГ: Мхм.

МЈ: Ќе ви јавам ама одма. Чим ќе биде, ќе ви јавам одма.

8. Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски (8)

НГ: Миле!

МЈ: Молам?

НГ: Ова што ми пиша ти. Не мора да го довршуваме, штом е онеспособено, ние сме ја завршиле работата. Не ни треба визуелен аспект, како што викаш, во овој случај.

МЈ: Пуштив слики. Сега имаше на Алфа многу добра снимка, од кај него сликале.

НГ: И шо има на Алфа?

МЈ: Снимката ја имаше убаво дадено, како експлозијата и изјава тој даваше.

НГ: И тој шо вика? Цврста е зградата, не можат да ја срушат?

МЈ: Не, викаше дека, ајде срушете ја побрзо, јас пак ќе ја градам.

НГ: Аха. Јас мислам да не, ако е онеспособена како шо кажуваш, да не продужуваме, нека си ја доруши он.

МЈ: Скроз, значи во воздух летаа, ја не знам како се држи.

НГ: Аха.

МЈ: Најверојатно во средината, сега зборев со овој професорот. Има, многу ме изнервира денеска, ми се крена притисокот. Лифт има и полн е со бетон лифтот и вика тоа ја држи, и второ вика, оти правена е самата зграда за 16 спрата, вика многу бетон има турено во првите три спрата, а само 5 се изградени и му било страв да стават повеќе динамит, вика, можеше да настане компресија и да уништиме куќи. Тогаш ќе направевме контра ефект.

НГ: Така.

МЈ: Викам, ок сеа.

НГ: Ја мислам да застанеме тука. Нека си стои зградата. Така?

МЈ: Добро.

НГ: Он ако стварно има план да ја гради, сам ќе си ја доруши, така?

9. Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски (9)

НГ: Ало.

МЈ: Молам?

НГ: Миле?

МЈ: Молам?

НГ: Зборев со Соренсен вака. Ме слушаш?

МЈ: Да де да.

НГ: И му викам вака на одење, знаеш, му викам неформално да ми кажеш, освен ова за името, што ги нервираме у Брисел што викам вака најмногу им пречи кај нас. Две работи вика, а и двете се поврзани со Пајажина. Едно вика, спроведување на правото. Добро викам, пример? Пример вика, го рушите Фијат. Во ред, ама ако го руштите, рушете ги сите што се како Фијат, или не рушете никој. Или законот да важи за сите, или ако не го применувате на речиси сите не го применувајте само на еден што ви е политички противник. Така да, јас вика би ти препорачал, ако сега сте фатиле со Фијат да го рушите, срушете и други. Да покажете дека, ама ова неформално му го кажува знаеш, не е официјален став. Срушете и други и покажете дека нема врска политиката туку дека тие што не градат по закон се рушат. Иначе вика ќе ви остане лепешка дека само Фијат сте го срушиле затоа што политички е против вас и ја поддржува А1 и така.

Второто вика, ова со медиумите. Што кажа у тој правец? Ама тоа се третира како регионален проблем. И тоа првото вика како регионален се третира ама не сте најлоши. Има полоши од вас во регионот, и во едното и во другото, али вика тие ви се од оние работи што пречат во Брисел доста. Е сега за второто, тоа е тоа, немаме, мислам што да напраиме? Добра регулација да направите за медиумите, тоа вика ти го препорачувам, добра регулација. А за првото вика ако терате вака терајте за сите. И да ги сузбиете аргументите дека вие само Фијат го рушите пошто ви е политички противник и поддржувач на А1. И вака кога го кажува држи вода да ти кажам.

МЈ: Држи.

НГ: Ништо не сме срушиле само Фијат сме го срушиле. Као другиве сите правилно градат.

МЈ: Има еден, еден објект знам во Гостивар, имаше претставки од граѓани, пуштивме кривична пријава, тој гради без одобрение за градење.

НГ: Каде?

МЈ: Во Гостивар знам, огромен објект. И Бејта баш спомна некни за него.

НГ: Епа терај. Не чекај. Со динамит тоа, да не ја тупиме пак.

МЈ: Ок. Ај да видам и по другиве градови да не има нешто. Пошто се канат градоначалници, сега кога ќе имаме во четврток, да му спомнам на нашиве градоначалници нешто да чепнат а?

НГ: Да чепнат.

МЈ: Да

НГ: И да биде тоа добро медиумски презентирано.

Поврзани новости