Небулозите на еден „академик“

by fokus

Пишува Муземил Османи (теолог)

Во времето на нај тешката политичка криза што некогаш е видена и доживеана во Македонија, во миговите кога таа е можеби токму на работ на внатретнички и меѓуетнички конфликти што се закануваат да ја разнебитат, во јавноста слушнавме едно злокобно претскажување на една птица кукавица што се нарекува себеси академик.“ Кога птицата кукавица ќе застане на покривот на куќата, очекувај смрт“, вели народот. Но, оваа кукавица се обидува да се угнезди на покривот на цела една земја и го чини многу по сериозно претскажувањето.

Благо кажано, тоа што го кажа “академикот“ Митко Манџуков е срамно и само ги потврдува озборувањата дека во МАНУ, покрај вистинските умови, преживуваат и деструктивци што сеуште функционираат со празноумието на некои изминати времиња.

Бев без малку вџашен од изјавата на Манџуков во врска со прекрасната и многу демократска иницијатива на новото парламентарно мнозинство во правец на унапредувањето на службената употреба на албанскиот јазик во Македонија. Тој господин што би требало да биде еден од мудреците на оваа земја, очигледно оптоварен со омраза за се што е различно од неговото национално и верско битие, кажа дека таа иницијатива води “ кон уништувањето на христијанскиот и православниот карактер на нашиот народ и кон исламизирање и албанизирање на нашата земја…“, инсистирајќи дека Албанците треба да се откажат од својата политичка платформа.

Исто така, Манџуков рече дека сега било време Албанците да се извинат што им текнало да состават таква платформа, а “странците“ да се дистанцираат од истата бидејќи таа ја уништува Македонија или ја претвора во Албанија и води кон проектот наречен Голема Албанија.

Искрено, не сум слушнал до сега некој интелектуалец толку многу да си го обезвредни сопствениот народ, државата, верата. Го прашувам јавно господинот “академик“: Па каков е тој народ, таа држава и таа вера што можат да се уништат со една обична иницијатива за унапредувањето на правата на еден друг народ? Толку ли ниско и никакво мислење имате за македонскиот народ, за државата Македонија и за христијанството и православието, или сте

можеби заслепени во вашето итање да одработите уште некоја задача за вашите ментори во заминување?

За среќа, јас имам многу по високо мислење и за македонскиот народ, и за Македонија, и за христијанството. Јас верувам дека македонскиот народ и знае и умее, дека Македонија ќе стане вистинска држава, и дека христијанството и православието ќе опстанат. Иако, убеден сум, тие се загрозени токму од закоравените умови каков што е тој на Манџуков, академикот што, ете, не може да сфати дека со своите небулози толку многу им одмага на тие што вели дека ги сака.

Господинот Манџуков и нему сличните само треба дефинитивно да разберат дека: Македонија не е земја само на Македонците, не има во приличен број и нас Албанците, а има и други. Македонија не е христијанска и православна земја и како таква никој не се обидува “да ја исламизира и албанизира“. Во Македонија освен православни христијани, живеат и муслимани, католици, протестанти, евреи. Македонија е секуларна држава и во нејзе не постојат првостепени и второстепени вери . На Македонија и требаат пријатели и добри соседи, на македонците им требаат комшии и другари. И, колку да се знае, Македонија ќе ја браниме и ние Албанците бидејќи таа е и наша земја. Не ја даваме на криминалци и корумпирани банди, не дозволуваме тие да не свртат против нашите комшии, ќе го штитиме соживотот и меѓуверската хармонија, ќе инсистираме на подеднакви права за сите луѓе и за сите вери. Ќе го браниме сето тоа од Манџуков и од нему сличните.

И, сосема на крај, морам да забележам уште нешто. Имено, сите ние што живееме во Македонија, очекуваме МАНУ да биде стожер на напредната научна мисла и извор на нови, прогресивни идеји. Се додека во неа ќе виреат ретроградни и фашистички идеји како онаа познатата за размена на територии и народи, како срамната енциклопедија и како небулозите на Манџуков, таа ќе се доживува како “изложба на фосили“. Јас цврсто верувам дека таа нема да си го дозволи тоа бидејќи во неа членуваат и многу умни академици, Македонци и Албанци, свесни дека нивниот збор има посебна тежина и важност во овие немирни времиња.

А Манџуков нека продолжи да се движи по правецот во кој што тргнал, нека долева масло на оганот, нека ја замајува јавноста, нека и служи на дневната политика која што се нарекува “дневна“ затоа што ја снемува на крајот на денот.

Македонија копнее за вистинска демократија, нејзини вистински бранители се европски ориентираните луѓе, не луѓето што мразат други луѓе само затоа што припаѓаат на друга нација или вера. И, да не заборавиме, птицата кукавица несе јајца по туѓи гнезда.

Авторот е шеф на кабинетот на Поглаварот на ИВЗ

Поврзани новости