Трагичниот настан што вчера се случи во Куманово, каде почина 13-годишно девојче по пад на статива на ракометно игралиште, го постави повторно прашањето за опасноста која демне од небезбедните игралишта. Потсетуваме дека пред две години 19-годишно момче почина откако на игралиште во Сарај се откачила статива од голот и му паднала на глава.
Како што соопштија денеска од полицијата 13-годишното девојче кое почина е од Хрватска. Несреќата се случила околу 17.00 часот кога на ракометното игралиште на улицата „Народна револуција“ паднала статива и го повредила девојчето во глава. Девојчето било пренесено во Медицинскиот центар во Куманово, но за жал му подлегнало на повредата.
Сличен настан се случи во октомври 2017 година кога 19-годишно момче со иницијали Б.С. почина во Градската општа болница “8-ми Септември“, поради повреди на главата од падната статива од гол. Несреќата се случила откако Б.С. бил на стадионот во Сарај и се фатил со рацете за стативата од голот, истата се скршила, Б.С. паднал, а врз неговата глава паднала стативата.
Многу игралишта низ земјава се стари, несредени и со дотраени реквизити, поради што се потенцијална опасност за децата. Во минатото родители апелираа да се средат игралиштата, а реквизитите да се заменат со нови, но не беше доволно направено. Се претпоставува дека речиси секое трето игралиште во Скопје е оштетено или несигурно.
М.В.