„Не верувам дека ,,големите” ќе дојдат, но ова се моите прашања до нив“ – мајката на исчезнатото момче излегува на протест!

by Fokus

Денес со почеток од 16:30 часот пред Собранието во Скопје ќе започне мирниот протест кој го организира мајката на исчезнатото момче, Пино Секундо (26) за кого нема никаква вест повеќе од дваипол месеци.

Маја Трпковска, која е во очајна потрага по нејзиното дете, вели дека протестот е со цел да се сврти вниманието на јавноста не само кон случајот со Пино, туку и кон голем број на случаеви со мистериозни исчезнувања на лица од земјава, околу тоа како институциите ја извршуваат својата работа, но и колку се граѓаните безбедни во својата земја.

Додава дека ги повикува сите кои се загрижени поради случувањата, но и оние кои се чувствуваат небезбедно, да и се придружат, а го повикува и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од кого барала одговори.

-Искрено, не верувам дека некој од ,,големите” ќе дојде на протестот, иако мојата покана е отворена за сите кои треба да дадат одговори. Имам повеќе прашања до надлежните служби. Ме интересира дали одговорните знаат како работи и функционира секторот за исчезнати и секторот за криминал со насилство? Дали знаат дека мене, на секој мој повик од таму ми се обраќаат со груб тон, дури и ми ја затвораат телефонската слушалка? Дали тоа е начин на работа својствен во една нормална земја? Би ги прашала надлежните дали знаат како и колку ефикасно работат нашите полицајци? Нема кафеана во која некогаш не седнал некој полициски службеник. Дали народот ги плаќа да се кријат зад грмушки и да пишуваат казни, или да ни гарантираат безбедност и сигурност? Знаат ли дека кога меото дете најмногу требаше да се бара, јас добив одговор дека не работат во сабота и недела, бидејќи славеле Стара Нова година? Дека на првиот инспектор кој беше задолжен за случајот кога му се јавував ми кажа дека работи од 15 часот и ми порача –Не замарај! Дали министерот Оливер Спасовски е запознат со системот, знае ли како овие нешта функционираат во другите земји? Дека најпрвин требаше да се дојде кај нас дома, да се земат компјутерите на Пино, и приватниот и службениот, да се провери собата, да се бараат траги? Ниту дојдоа, ниту пак се јавија… Што се случува во толку мала земја, исчезнувања, корупција, непрофесионален и нечовечки однос кон оние кои имаат мака – прашува Трпковска.

Додава дека е целосно разочарана од начинот на кој функционира системот, посебно во Скопје, но доста позитивно се изненадила од односот на вработените во полициската станица во Радовиш.

-Добив повик од девојка која тврдеше дека го видела Пино во Радовиш. Веднаш ѕвонев во тамошната станица, ме трогна човечноста и професионалноста на вработените. Во рок од 15 минути ми се јавија неколку пати, ја најдоа девојката, зедоа изјава, ми ги кажаа сите детали… Значи, имало и луѓе кои професионално си ја вршат должноста, кои сочувствуваат со народот и умеат да се стават во кожата на семејствата кои минуваат низ пекол. Во Скопје никогаш не наидов на таков однос. Затоа ме интересира, кој го контролира начинот на работа на тие луѓе кои се платени да му служат на народот? – прашува мајката.

Нејзиното дете е исчезнато веќе 76 дена. Го нема ниту неговиот автомобил Шкода Фабија со регистарски таблички SK 1566 AP. Во повеќе наврати таа јавно бараше одговори од надлежните, и прашува како може да не се најде возрасен човек и автомобил, ниту пак да се дојде до некаква трага за целото време.

Вики Клинчарова

Поврзани новости