Текстот е објавен на четврти декември 2009-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 753
Колку „тежат“ македонските политички партии според имотот – е прашање кое од секогаш влегуваше во графата „не заслужува одговор“. Кодот на оваа супертајна никако да се „дешифрира“ затоа што партиите како СДСМ и ВМРО, кои влегуваат во категоријата на „големосопственици“ имаат заеднички интерес тука да не се чепка. Податоците изразени во декари и хектари, секако, логично ќе го исфрлат прашањето: како го стекнале тој имот овие, формално правно, нели – „непрофитни организации“?
Сепак, летово, според документите до кои дојде Фокус, наместивме неколку мали коцкички од сложениот мозаик наречен „имотот на ДПМНЕ“. Ја откривме формулата според која љубчовци се ослободуваа од имотот што го изнакупија додека беа на власт во мандатот „За Промени“. Кога на ангро купуваа фирми, деловни простории, банки, фарми, станови … Откако Уставниот суд во 2001-та пресече дека партиите не смеат да стекнуваат „приход од имот“, ВМРО-ДПМНЕ преку Договори за дар почнува да го префрла тазе стекнатиот партискиот имот на поединци и фирми.
Конкретно, текстот се однесуваше за деловен простор во строгиот центар на Скопје, на улицата „Вељко Влаховиќ“ б.б. од 246 м2, поточно приземје од 163 м2 и мезанин од 83 м2. Имено, во ноември 2001-та Војо Михајловски како секретар на ДПМНЕ го дарува овој имот на извесна фирма Турист Линеа ДОО од Скопје застапувана од извесен Сашо Андоновски како управител. Со оглед на тоа што вредноста на овие простории е проценета на над 700 илјади евра, останува да нагаѓаме како Љубчо Георгиевски го избраа токму овој „даропримач“ за среќен добитник. Настрана дилемата како претходно станаа газди на истиот, или, не дај Боже, со „чии“ пари го купија?!
КАКО ЛИ ДПМНЕ ГИ ИЗБИРАШЕ „ДАРОПРИМАЧИТЕ“?
Втората „вест“ во тогашната наша сторија беше дека Груевци водат судски спор за раскинување на Договорот за дар, за враќање на овој деловен простор во сопственост на партијата. Но, како тужена страна сега се јавуваше фирмата Соник Естејт (не Турист Линеа) и управителот Александар Бежовски (не Сашо Андоновски)!!!
Бежовски летово одби да даде повеќе информации за Фокус, искажувајќи надеж дека „правдата“ ќе ја добие пред македонското судство. Денеска, веќе размислува поинаку. Особено откако од истата „благонадежна“ адреса доби лоша вест по него! Но, се чини, не е толку проблемот во она што се „тркала“ низ судските одаи. Тој е многу повеќе загрижен за игрите под маса, кои по правило, тешко се докажуваат ама ефектот им е максимален.
„Од крајот на ноември 2007 г. добивам закани по живот, за да го префрлам овој имот на партијата. Тоа кулминираше со физички напад на 20 февруари 2008 година. Случајот е пријавен, имам и белешка, но изостана натамошна постапка. Фирмата се соочува со тешкотии во работењето, како во работата со администрацијата, така и со одвраќање на потенцијалните закупувачи. Основано се сомневам дека двајца закупци дури се уценети да се иселат од просториите. Или, три години чекав во катастар за внесување на судското решение за промена на името на фирмата во СОНИК Естејт“- раскажува сега Бежовски.
Но како е дојдено до промените? Кој е основот за судскиот спор што го бутка ДПМНЕ? Има два члена од Договорот за дар на љубчовци, за кои сега се закачуваат груевци. Прво, дека во случај даропримачот да престане да постои, односно над него да се покрене постапка за ликвидација или стечај, е тогаш ќе се смета дека деловниот простор треба да му се врати на дарителот ВМРО-ДПМНЕ.
Втората „квака“ е членот со кој се наметнува обврската кон фирмата што го добива дарот да го користи подарокот „исклучиво со намена за вршење на својата дејност“. Е што губи ДПМНЕ доколку даропримачот врши друга дејност, останува да нагаѓаме?! И какви „бенефити“ имал ВМРО-ДПМНЕ додека фирмата на која ѝ „фрлиле“ имот вреден 700 илјади евра, го користи за „својата дејност“?! Главната енигма, всушност, е која била „основната“ дејност на фирмата на Андоновски?
И што се случува? Во септември 2003 г. на местото на Андоновски доаѓа Бежовски, а Турист Линеа станува Соник Естејт. Во април 2005 г. кога на чело на ВМРО-ДПМНЕ е Никола Груевски, преку генералниот секретар Гордана Јанкуловска партијата покренува тужба против сега фирмата СОНИК Естејт.
Нивната логика е дека фирмата на која го дарувале деловниот простор – Турист Линеа веќе не постои, па автоматски сега имотот треба да им биде вратен. Меѓутоа, адутот на Бежовски е дека основачите на Турист Линеа со своја одлука го измениле само називот на друштвото во Соник Естејт, но дека станува збор за истата фирма, па ги упатува да извадат историјат на промени во Централниот регистар.
Интересно е дека додека е СДСМ на власт тужбата потпишана од Јанкуловска фаќа прав во некоја фиока повеќе од две години. Откако груевци ќе ги пофаќаат конците на власта, нивната тужба доживува вистинска „преродба“ ама чекор по чекор- кроце.
„Судот можеше веднаш да го одбие тужбеното барање како неосновано, но наместо тоа се држат 5 рочишта и се сменија 2 судики, Маргарита Тошанова, па Тања Камчева. Иако на главната усна расправа на 11 септември 2007 г., застапникот на ДПМНЕ изјави записнички дека доколку се покажат како точни нашите наводи, ДПМНЕ ќе ја повлече тужбата, сепак, тие не се повлекоа, туку на 13 мај 2008 г. поднесоа барање за преиначување на тужбата. Судијката Тања Камчева во август 2008 г. и покрај притисоците, го одби ова нивно барање со решение“ – вели Бежовски.
ГО ПРОДАВА, ПА ГО ЗЕМА ПОД ЗАКУП?!
Сепак, нивната жалба до Апелација дава резултат. Кон крајот на август годинава, предметот се враќа на нова расправа за вмровското барање за преиначување на тужбата. Уште повеќе, предметот добива нов судија, Наташа Тодорова која неодамна, на 26 октомври, ја прифаќа измената што ја бараат груевци. А сега бараат деловниот простор во центарот на Скопје да се врати на ДПМНЕ затоа што даропримачот „дарот не го користел за својата дејност туку го издал на трето лице“. Патем, овие простории под закуп од Соник Естејт ги користи „Вегера“.
Но Бежовски го побива и овој „џокер“ на груевци со податокот дека „една од дејностите на фирмата е токму издавање на деловен простор“, па новите моменти од „препородената“ тужба не држат вода. Рочиштето, вели, им е закажано дури за март 2010 г., со молба од судиката вонсудски да се договорат со ДПМНЕ, плус со напомена дека може ќе пренасочи предметот во стопанскиот оддел.
Ова досега беше оној официјалниот дел од битката на ВМРО-ДПМНЕ да си го врати имотот што партијата, што веројатно после одлуката на Уставниот суд, ем страв од неизвесноста по можната промена власта, го даруваше „шаком и капом“, исто онака, де, како што го купуваше.
Сметам дека беше неопходно да се даде оваа хронологија за дојдеме до она што е вистинска „бомба“. Какви се финансиски „скаламуции“ се правени „од шупљо-во празно“, при што тешко е да се дијагностицира колку биле во „игра“ партиски, а колку лични интереси? Во секој случај, морам да признам, дека ваквите навидум компликувани „операции“ се граничат со невидена ступидарија. Така, барем делуваат откако ќе ја подвлечете цртата.
И да минеме, овој пат, само на еден пример, колку за илустрација, како се „баратало“ со имотот. Или, како што би рекол Бежовски, како ВМРО-ДПМНЕ се обидува да му ја доведе фирмата пред „рокнување“, за да може да го активираат членот 2 од Договорот за дар. Овој пат главната ролја ја има „фамозната“ Македонска банка.
Според неговата верзија, тој на 14 јуни 2007 г. дознал факти кои го наведуваат да се сомнева дека Македонска банка АД Скопје е замешана во серија на противзаконски дејства.
И сега ќе се обидам да ви ја приземнам целата „алаш-вериш“ шема што се одвивала помеѓу Македонска банка и Турист Линеа. Фирмата на Сашо Андоновски покрај дарот на љубчовци со деловниот простор во центарот на Скопје, си го зголемува имотот додека „променџиите“ владеат и на друг начин.
Добива дар, ама и си купува имот. Е, на 24 јуни 2002-та, неколку месеци пред легендарните избори на 15 септември, Турист Линеа купува недвижен имот од Македонска банка. Онаа, де, каде вмро-овците веќе бајаги „пенетрираа“, па дури и шоферот на Војо имаше акции таму. И Турист линеа станува сопственик на имот, внимавајте, од 1500 м2, тежок скоро 3,7 милиони евра.
Според договорот, Турист Линеа требало да ја плати првата рата од 800.000 евра во рок од една година, а потоа се треба да се исплаќа на рати наредните, уште еднаш внимавајте – 19 години. Меѓутоа, ова е само загревање во „будалаштините“! Главниот циркус се случува следниот ден откако Македонска банка ја прави „зделката на столетието“, демек, продава имот.
Значи следниот ден, на 25 јуни, таа 2002 година, Турист Линеа штотуку купениот деловен простор од 1500 м2 од Македонска банка со Договор го издава на истата банка под закуп за сума од 10.000 евра месечна кирија!!! Која била економската логика на менаџментот на банката – прашајте ја публиката?!
„ИГРАРИИТЕ“ НА МАКЕДОНСКА БАНКА
Нејсе, ама има уште! Неколку дена по изборите што ВМРО ги губи, на 18 септември 2002 г. Турист Линеа го става истиот деловен простор под хипотека во Македонска банка, како обезбедување за парично побарување на Македонска банка. Меѓутоа, останува нејасно: зошто точно и конкретно е хипотеката; дали воопшто Турист Линеа земал кредит; и каде се парите?!
Постои сомневање дека банката не дала кредит, туку договорот е само формално покритие на финансиските дубиози во целава зделка. Поточно, постојано се зголемувала во изминатите години книговодствената вредност на самиот објект, и така се покривале загубите?!
Меѓутоа, дојдоа бранковци на власт. Во 2003 г. определени лица од менаџментот на банката токму за овие „деловни сеанси“ добиваат кривични пријави за злоупотреба на службена положба. Не грижете се, таму се големи имиња во игра, па кон крајот на март следната, 2004 година, кривичната ќе биде отфрлена.
Но, заслужува простор она што во меѓувреме се случува. Експресно, на 6 февруари 2003-та, Турист линеа и Македонска банка склучуваат сега Договор за раскинување на договор за купопродажба од пред една година- најверојатно со цел да се отфрли кривичната пријава. Потоа прават обиди сопственоста повторно во катастарот да се впише на банката.
Меѓутоа, УЈП после неколку месеци, бара од Турист Линеа за да се впише повторно стариот сопственик МБ, фирмата да го врати повратениот ДДВ. А тој „тежел“ околу 800.000 евра. Со други зборови, оваа сума претходно фирмата „даропримач“ ја земала од УЈП по основ поврат на ДДВ. Тоа, по изгледа, се парите од првата рата што Турист линеа ја платила на Македонска банка кога го купила „спорниот“ простор. Ете, од каде биле парите?! Од УЈП?!
И откако до тука ќе ги испозамрсат конците, што нормален човек тешко ќе ги пофаќа, а во стилот на латино- сапуниците, кај што не се знае кој на кого му татко, а кое чие дете е, така и овде заплетот продолжува. Македонска банка како, нели, хипотекарен доверител во август, таа иста 2003 г. тргнува во продажба на деловниот простор што Турист го дал под хипотека, а затоа што демек купувачот не плаќал рати. Ја платил само првата, онаа де, со парите од УЈП. Да, цело време зборуваме за истите тие 1.500 м2, Што де се продаваат, де се издаваат, де се под хипотека, меѓу банката и „даропримачот“.
Но, во фирмата веќе од 3 септември 2003 г. има нов управител – Бежовски. Секако дека и тој не е случајно избран, но сега тоа и не е најважно. Како што ни раскажа, откако дознал за намерата на МБ, ја известил банката дека тој имот всушност веќе е на МБ бидејќи е раскинат договор со кој Турист Линеа, односно сега веќе Соник Естејт го има купено. И постапката е запрена. МБ прифаќа дека е тоа факт. И почнуваат исцрпни преговори за решавање на овој „гордиев јазол“.
КОИ СЕ СОВЕСНИТЕ ДАРОПРИМАЧИ СПОРЕД ЈАНКУЛОВСКА?!
„Не можевме да најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот. Требаше да се вратат 800.000 евра на државата на име на исправка на ДДВ, која што Македонска Банка, пак, требаше да ја врати на Соник Естејт на име на прва рата што единствено и била исплатена по купувањето на просторот. Но, од МБ се вадеа дека немаат пари и бараа начин да ја избегнат исправката на ДДВ-то, на што јас не се согласив, бидејќи тоа е кривично дело.
Меѓутоа, УЈП по контролата, во мај 2004, ја задолжува Соник естејт да плати ДДВ за закупнина, нефактурирани и книговодствено неевидентирани приходи, иако има Договор за раскинување и на договорот за купопродажба и на договорт за закуп. После тоа, бидејќи немаше желба да се реши на обострано задоволство проблемот, Соник поднесува тужба до МБ.
Нас како тужител нѐ застапуваше адвоката Билјана Јовановска од канцеларијата на адвокатот Јово Вангеловски. За да не застарат побарувањата по основ на кирија со тужбата баравме утврдување на ништовност на договорот за раскинување, предавање на недвижност во владение и долгот за неплатена закупнина, во вредност од 246.357.452,00-ден или над 4 милиони евра. Постојано добивав известување дека процесот добро се одвива“ – вели Бежовски, како вовед во главните „играрии“ за кои на 19 март годинава ќе поднесе приватна кривична тужба против Вангеловски и Јовановска за кривично дело Злоупотреба на доверба од член 252 од КЗ. Но, тоа е посебна тема, а и после 9 месеци нема абер од судот.
Додека Бежовски се наоѓа во САД, патем тој има и американско државјанство, судијата Маринела Јакасановска носи решение на 22 март 2007 г. со кое неговата тужба против МБ се смета за повлечена. Едноставно, неговиот адвокат не се појавил на рочиштето. За овој, според него клучен момент, Бежовски основано се сомнева дека е свесно сторен и прикриван од него.
„Јас тоа го дознав дури после 4 месеци откако адвокатот не одговараше на моите барања за средба, не сакаше да ми даде увид во предметот, па доставив барање за увид до судот. Од она што го видов дознав за нови факти за кои адвокатот не ме известил, а требало да го стори тоа, како на пример, за реализација на хипотека. Веднаш го одзедов полномошното. Но, адвокатот одби да ми ги врати списите по предметот“ – раскажува Бежовски за проблемите со Вангеловски, кој сега е веќе претседател на Врховниот суд.
Тој го губи овој спор и пред апелација, но на 30 август 2007 г. материјалот за МБ го доставува до Гувернерот на НБМ, Петар Гошев.
„Среќна околност е што во октомври 2007-та Гувернерот ја ликвидираше банката, а банката си го префрли имотот, со што мојата фирма немаше обврска да го доплати просторот или да го врати назад на банката, а за тоа да плати ДДВ од 800.000 евра и, на некој начин, наместо да ме носат во стечај, всушност не сакајќи ми помогнаа“ – коментира Бежовски.
Има уште судски процеси што фирми блиски на ВМРО-ДПМНЕ ги водат против неговата фирма, за кои Бежовски смета дека основна цел е да му ја згаснат фирмата. Потоа, нели, имотот оди на контото на ДПМНЕ. Бежовски признава дека во декември 2007-та имале обид за договор со дел од највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ. Вели, дека им понудил да најдат човек на кој ќе му го подари уделот во фирмата. Појаснува дека не прифатиле, со образложение дека тоа медиумски лошо ќе се одрази на партијата.
Летово, кога и Фокус пишуваше за судскиот спор, на 11 јуни Бежовски нафрла дека имал средба со премиерот Груевски. Му се жалел за притисоците и заканите, на што добил ветување дека ќе прекинат, и дека не смее да има вакви работи.
Сепак, деновиве Гордана Јанкуловска, начекана „на препад“ од новинарката на ТВ Алфа, Милка Смилевска, би рекла малку несмасно, а зачудено, демек, ќе прокоментира „а за кој имот станува збор“ во судскиот спор со Бежовски. Она што сепак ќе остане како значајна информација од актуелната министерка за внатрешни работи е дека имало повеќе имоти што ВМРО-ДПМНЕ со договор за дар ги предала, е сега ептен внимавајте: на совесни даропримачи!!!
Каква е обврската на совесните даропримачи кон дарителот и како ДПМНЕ ги избирала, по кој критериум – комисиски или на конкурс, уште повеќе со кои пари го стекна тој силен имот, веројатно останува „спонтано“ да се одмотува како енигма во наредниот период.
Александар БЕЖОВСКИ, управител на СОНИК Естејт:
ДАЛИ ВАШИНГТОН ДОБИВА ПОГРЕШНИ ИНФОРМАЦИИ ОД АМАБАСАДАТА ВО СКОПЈЕ?!
Бев особено зачуден од текстот на Н.Е. американскиот амбасадор во Скопје г-дин Филип Рикер (за Дневник, н.з.), кој иако добро знае дека во Македонија се води национал-социјалистичка економија, сепак зборува за примена на иновации во бизнисот. Водењето на бизнис бара определено ниво на демократија, која што не постои во Македонија. Кај нас фрапантно лесно се крши правото на слобода на говор и правото на приватна сопственост. Пример за ова што го тврдам се нападите врз новинарите, но и донесување на закони со одредби за конфискување на имот, пракса што е карактеристична за Кина.
Исто така, зачудува и фактот дека г-динот Рикер дава изјави за значителни подобрување во судскиот систем, во време кога имаме комплетно контролирано и партизирано судство. Сето погоре наведено е констатирано како во извештајот на ЕУ за Македонија, извештајот на Стејт Департментот, на Хелсиншкиот комитет, на Амнести интернешнл итн.
Се прашувам: дали Стејт департментот добива погрешни информации, врз основа на кои што донесува погрешни одлуки за толерирање на тоталитарни Влади?! Се поставува прашањето: дали амбасадата на САД во Скопје, која што треба да претставува стожер на демократијата, со погрешното информирање на официјален Вашингтон ќе дозволи разгорување на меѓуетнички и внатрешно – македонски конфликт, како и влошувањето на и онака лошата состојба со почитувањето на човековите права, особено правото на говор и правото на приватна сопственост – коментира Александар Бежовски, кој инаку има и американско државјанство.