Не учествуваме во хронично неказнување на функционери и праќање порака до граѓанинот дека „плаќа дупло“, порачаа од Блупринт групата

by fokus

Не учествуваме во хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функци и праќање на порака до обичниот граѓанин дека „плаќа дупло“, порача Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството којашто денеска соопшти дека се повлекува од понатамошно учество и давање придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен законик.

Клучната причина за нивното повлекување се последните измени на Кривичниот законик од 6 Септември што беа предложени од страна на Владата и беа изгаласани експресно во Собранието.

-Во ваква ситуација и состојба, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки. Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека „плаќа дупло“, велат од Блупринт групата.

Тесно поврзано со оваа нивна одлука е и претходното повлекување на работната група за изработка на нацрт предлогот за Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка. Според нив, со овој закон се прави само привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот.

-Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупција. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме, додаваат грѓанските организации.

Во оваа група се организациите Македонско здружение на млади правици, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Хелсиншки комитет за човекови права. Не сакаат да бидат декор во подготовката на законите и нивното учество го сметаат за беспредметно.

Фото: МИА

Поврзани новости