Група на лозари од Неготино утре во девет часот излегуваат на протест поради слабиот откуп и ниските цени на грозјето. Со земјоделска механизација тие ќе го блокираат влезот, односно излезот од Неготино, на булеварот ,,Маршал Тито” во близина на бензинската станица Макпетрол.
Протестот бил уредно пријавен, и е во организација на група на лозари, а како нивен претставник е Драган Лазов, неготинчанец кој долг период се занимава со одгледување на винова лоза. Во разговор за ,,Фокус” тој вели дека блокадата започнува во девет часот, и не знае до кога ќе трае.
-Со години наназад го имаме истиот проблем кога доаѓа време за гроздобер. Слаб откуп, ниски и понижувачки цени кои се удар врз трудот на чесните лозари. Високосортното грозје е со цени слични како оние од минатата година, значи од 10, па се до 16, 17 денари за килограм, а веќе се шпекулираат и цените на смедеревката, осум денари за килограм и десет денари за вранец. На некој начин, лозарите повторно се ставени пред свршен чин, доведени во состојба да бидат уценувани од винариите и да го предадат грозјето по цена која тие веќе ја одредиле, без пред тоа да се седне на маса и да се најде компромис – појаснува Лазов.
Тој додава дека за најавениот протест на кој ќе се обратат голем број на лозари, не го известиле ниту пак го поканиле министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, или било кој претставник од министерството. Не поканиле ниту претставници од винариите, бидејќи не очекувале некој да дојде и да ги сослуша.
-Никого не поканивме, немаме верба дека некој ќе дојде, дека ќе се најде некое решение. Се надеваме дека барем медиумите ќе ја пренесат пораката. Ова ни е начин да го изразиме револтот, поради ситуација која се провлекува со децении наназад. Да бараме да се слушне нашиот глас, и на време да се реагира, уште во зима, пред да се започне со закројување на виновата лоза, да се седне и сите засегнати страни да постигнат договор. Да се одреди цена на грозјето со време, па потоа лозарите да одлучат дали воопшто таа година ќе го работат лозјето. Ако се нуди ниска откупна цена, нема што да се инвестира и да се прават непотребни трошоци, да си знаат лозарите дали воопшто таа година да се спремаат за берба или да го остават грозјето на нивите. Фер е на време да знаеме, а не секоја година, откако ќе стаса за берба, да бидеме уценети со цените кои ги нудат винариите – вели Лазов.
,,Фокус” го контактираше министерот Хоџа по повод најавениот протест, и тој вели дека од нас дознава за настанот кој ќе се случува утре во Неготино.
-Никој од организаторите, за жал, не ме информирал ниту пак ме поканил да присуствувам на протестот. Но, и покрај тоа, јас секако дека ќе дојдам во Неготино и ќе бидам покрај народот. Сакам да ги слушнам нивните проблеми, да се обидеме да најдеме заедничко решение со кое сите ќе бидат задоволни. Мора да се цени нивниот труд и секогаш да се стремиме кон ситуација од која сите ќе бидам задоволни – ни изјави министерот.
Останува отворен апелот на протестот да се појават и претставници на винариите, со цел изнаоѓање на компромис за состојбата со откупот и откупните цени, која секоја година се повторува, во време кога веќе грозјето ќе стаса за берба.
-Ако некои лозари реагираат и сметаат дека сега е веќе доцна и требало да се протестира пред неколку месеци, ова нека биде испратена порака за во иднина, да не се доведуваме во ваква незавидна состојба, туку со време да се постигне договор помеѓу лозарите и винариите, под будното око на министерството за земјоделство. Нашето разочарување е големо, годинава има добар род, да се надеваме дека протестот ќе вроди со плод и нема да се дозволи постепено изумирање на оваа земјоделска гранка- изјави организаторот на протестот.
И покрај тоа што лозарите потврдија дека уредно го пријавиле протестот и блокадата, на страницата на градоначалникот Тони Делков, ниту пак на официјалната страница на Општина Неготино нема никакво соопштение за јавноста.
Вики Клинчарова