Не смееме да ги заборавиме нашите херои од НОБ, рече Пендаровски на 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски-Даме во Никифорово

by Fokus

„Знаете дека името на вашево место во превод значи – победоносно. Вистинска реткост е името на едно населено место толку доследно да ги изразува моралните вредности на неговите жители и да биде верен приказ на неговата историја. Нема посимболично место од ова кое дало толку многу борци за слобода. Денеска сме собрани тука, во победоносно Никифорово за да се потсетиме на најпознатиот и најголемиот меѓу нив – нашиот народен херој Чеде Филиповски-Даме“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Тој денес присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 100. годишнината од раѓањето на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, што се одржа во селото Никифорово.

Пендаровски рече дека на овој народен херој освен локалниот историски музеј, му се посветени многу книги и монографии.

„Речиси нема позначајно дело за НОБ каде што не се среќава неговото име. Сево ова просто не тера да си го поставиме прашањето: Како овој млад човек, кој живеел само 21 година, станал инспирација на цели генерации?  Пред војната, како дел од младината со прогресивни демократски идеи, Чеде се спротивставувал на обидите за асимилација и се залагал за слобода и социјална правда. Чеде Филиповски во 1941-та година, заедно со идеологот и организаторот на НОБ, Кузман Јосифовски-Питу, учествувал во подготовките за вооруженото востание тука, во мавровскиот крај. Наредните две години, како заменик-командант се вклучил во два партизански одреда, во Мавровско-гостиварскиот и во Мавровско-кичевскиот, и ја предводел елитната диверзантска група која им има нанесено сериозни штети на окупаторските власти“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот зборувајќи за народниот херој рече дека тој бил присутен и во базата на Главниот штаб на Народноослободителната војска во Лопушник, каде што покрај другите биле и Михајло Апостолски, Страхил Гигов, Цветко Узуновски, Владо Малески, Видое Смилевски и многу други.

„Во 1944-та, Чеде Филиповски како заменик-командант на Првата македонско-косовска бригада, со пушка и со песна ги предводи своите соборци низ најопасните моменти на Февруарскиот поход. Во најкритичните моменти, кога многу други армии би го положиле оружјето поради суровата зима и постојаните непријателски напади, токму Чеде Филиповски успевал да го подигне моралот на своите соборци за да им помогне да издржат. Првата македонско-косовска бригада не само што успешно го завршила походот, туку одиграла и клучна улога во разбивањето на пролетната офанзива на фашистичкиот окупатор. Со овој подвиг, бригадата помогнала во создавањето на слободните територии и практично го отворила патот за одржување на АСНОМ“, рече Пендаровски.

Претседателот рече дека не смееме да ги забораваме великаните на НОБ, туку секогаш одново да се инспирираме од нивната борба и жртва за нашата слобода.

„Не случајно еден од неговите другари и соборци, Крсте Црвенковски се прашувал како можело тоа младо момче без воено образование толку стратешки и тактички да ги проценува ситуациите и ниту еднаш да не претрпи загуба и да не падне во заседа“, рече Пендаровски.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, претседателот Пендаровски положи цвеќе пред бистата и спомен чешмата посветена на нашиот народен херој и го посети спомен домот на Чеде Филиповски – Даме. Воедно, Претседателот го проследи адаптираниот документарен филм „Народен херој Чеде” и присуствуваше на отворањето на изложбата „За Чеде и за Никифорово” на која беа поставени 100 уметнички дела на авторот Ацо Филиповски.

 

 

Поврзани новости