Не се работело за измама, на студентите навистина од МОН телефонски им барале лични податоци

by fokus

Голем број на студенти денови добиле телефонски повик од лица кои се претставиле дека се вработени во Министерството за образование и наука, и кои им барале лични податоци, односно трансакциски сметки или матични броеви.

Како што дел од нив појаснуваат за ,,Фокус”, лицата со кои разговарале им кажале дека станува збор за студентски оброк, односно дека во апликацијата за истиот, оставените лични податоци им биле грешни.

Многумина од нив се посомневале дека станува збор за измама, бидејќи очекувале доверливи податоци да се бараат преку официјална електронска адреса од министерството, а не телефонски.

-Начинот на комуникација со лицето кое се претстави дека е вработено во МОН ни разбуди сомнеж дека можеби станува збор за обид за измама. Не ни беше логично лични податоци да се бараат по телефон и по Вибер преписки, очекувавме вакви работи да се завршуваат преку официјална електронска адреса.
И образложението дека бројот на трансакциската сметка која сме ја навеле во апликацијата, дека е грешен, не ни е јасно, бидејќи освен што рачно го пишуваме бројот, исто така приложуваме и лист на кој е скенирана картичката од банката. Затоа и реагираме и прашуваме дали сме дел од некоја измама, или пак МОН навистина по телефон бара лични податоци од студенти – прашуваат.

Вибер преписка помеѓу вработен во МОН и студент

Со цел да дознаеме која е позадината на случувањата, ,,Фокус” го контактираше заменик министерот Лулзим Алиу, кој пак не препрати кај Џемиле Идризи, која е раководител на одделение за студентски стандард.

-Да бидат мирни студентите, не станува збор за измама, навистина вработени од МОН телефонски им бараа лични податоци. Ние овде имаме 32.000 корисници, а кај над 1.000 од нив бројот на трансакциската сметка кој го оставиле во апликацијата за студентски оброк е грешен. Да не зборувам колку од нив ставиле грешен матичен број.
Затоа, бидејќи гледаме дека се нестрпливи да ги добијат парите, за да се убрза работата, телефонски ги баравме, а не преку електронска пошта.
Но, штом реагираат и се сомневаат, нема повеќе да ги бараме телефонски. Кој оставил грешни податоци нека биде стрплив, ќе добие по електронски пат решение – вели Идризи.

Додава дека нејзиниот приватен телефон, како и приватните телефони на голем дел од вработените во МОН постојано ѕвонеле и им се јавувале студенти на кои не им биле исплатени парите.

-Студентите самите се виновни поради тоа што оставиле грешни податоци. Ова го правевме со цел да се забрза работата, бидејќи гледаме дека се нестрпливи. Знаеме дека тоа се прави преку официјален е-меил, затоа во иднина така и ќе постапуваме, нема повеќе да им се јавуваме, ни изјави раководителката на одделението за студентски стандард.

Вики Клинчарова

Поврзани новости