Не се нервирајте, ќе биде полошо!

by lali

djelalНе поминаа ниту јануарските празници, режимот реши брзо да ги освести тие што го релативизираат и тие што уште не веруваат со кого си имаат работа. Во затвор, експресно по пресудата, го вратија Томислав Кежаровски да одлежи уште четири месеци. Притоа, јавниот сервис и дел од режимските медиуми го одмолчеа настанот, а дел филуваа. Пораз е тоа и за македонската јавност, на која на добар дел ѝ беше полесно да каже „Je suis Charlie“ отколку „Je suis Kezarovski“.

Да не се разбереме погрешно, позитивно е што сите беа Шарли, и требаше да се биде, ама лицемерно е притоа да не бидеш Кежаровски. Некој ќе рече не е исто, ваму се работи за масакр врз новинари од страна на терористи. Точно. Но, во случајот на Кежаровски државата тероризира новинар. Целта на терористите во Париз и на режимот во Македонија е иста: Да се убие слободната мисла. Едниве се терористи, а вториве управуваат со нашата земја и продолжуваат систематски да ја убиваат слободната мисла.

ДА НЕ СЕ РЕЛАТИВИЗИРА ГРУЕВИЗМОТ

И сите оние кои ќе го премолчат злото врз Кежаровски, ич да не му се мислат, режимот и ним ќе им тропне на врата. Без разлика на кој начин, сепак ќе им тропне на врата. Случајот на Кежаровски, контрапрофесорскиот пленум, носењето на „реформите“ во образованието во три часот наутро, ударите врз СОНК однатре, јасно ја покажуваат решеноста на власта по секоја цена да го истера своето, надвор од сите демократски стандарди.

Доброто од сето тоа е дека револтот на граѓаните се зголемува, се создава критичка јавност надвор од опозицијата, нешто што недостасува уште од затворањето на А1 телевизија. Или, што би рекол професор Фрчкоски: за да биде подобро, прво треба да биде полошо! Режимот со своето дејствување ќе направи 2015-та да биде полоша од 2014, како што 2014 беше полоша од 2013 итн. Таа јавност, почитувани читатели, ќе биде најсветлата точка во 2015 година, а нејзе ќе ѝ успее да ги урне етничките бариери поставувани од ДПМНЕ, ДУИ и од ДПА, како и да ја разбуди СДСМ сосе коалициските партнери.

Доколку СДСМ одбива да се разбуди и не се прилагоди на целата ситуација, природно ќе произлезе нов субјект што ќе ја предводи опозициската борба. Јавноста целосно ќе го измести теренот за игра, кој режимот од позиција на сила го има наместено по свој терк.

Веќе не е важно дали сте некој функционер на опозицијата, дали сте некој професор, аналитичар, активист, новинар, колумнист, а направите некоја глупост, а кажете нешто, било што од што ќар излегува груевизмот, веднаш има критична јавност која почнува да ви свири и да ви се дере со „Уаа, шиткачи!“

Тоа е одлично, веќе има доволна критична јавност која нема да дозволи пазарења со режимот или промена на власта со пазар-врхушката на режимот да не одговара за злоделата. Од една страна, критичката јавност, од друга страна режимот. Може да се вика кој како сака, но ако го релативизира груевизмот, тогаш е од спротивната страна на сѐ подебелата линија.

ПАТ-ПОЗИЦИЈА

А погледнете ја сега оваа пат-позиција на Груевски: ако продолжи да ги задушува сите природни изблици на незадоволство, ќе помогне да се мобилизира поголема критична маса, од незадоволството и револтот кој ќе порасне. Ако Груевски реши да попушти и дозволи изблиците на незадоволството да однесат победа, која тој ќе мисли дека ќе може да ја контролира, таа победа ќе ги охрабри луѓето полесно да се мобилизираат за другите битки. Едно е сигурно, нема враќање назад.

Пред нас е долга година во која режимот со својата чизма ќе гази поцврсто за да ги угнетува демократијата и слободата. Државата ќе продолжи да се задолжува со екстремно брзо темпо, а куповната моќ на граѓаните ќе биде уште послаба. Работниците во Македонија ќе продолжат да ги имаат најмалите плати во цела Европа. Невработеноста нема да се намалува, само ДПМНЕ и ДУИ ќе продолжат да ја трупаат администрацијата со свои активисти.

Огромно мнозинство од општините ќе продолжат да се дават во долгови, власта ќе продолжи да им префрла сѐ повеќе обврски, а сѐ помалку пари. Иселувањето на луѓето од Македонија ќе продолжи со зголемено темпо, а државата нема да спроведе попис ниту во 2015 години. Контролата и влијанието на режимот врз судството ќе биде уште поголема. Полициската држава ќе биде уште повидлива. Едноставно, ќе биде полошо.

На сите ќе ни треба среќа во долгата 2015 година. И немојте да заборавите, за да биде подобро, мора прво да биде полошо.

Поврзани новости