Партиски надмудрувања за претседател на Судскиот совет?

by lali

Изминува вториот месец како Судскиот совет нема претседател. Органот кој избира и разрешува судии практично е блокиран. Мандатот на претседателката Александра Зафировска е истечен на 20-ти декември затоа што на тој датум пред две години таа стапи на функцијата по втор пат. Законот предвидел дека мандатот на претседателот трае две години, без право на повторен избор.

Зошто еден месец Судскиот совет е без претседател? Извори за „Фокус“ неофицијално пренесуваат дека првата причина е што имало „натпревар“ меѓу членовите кој да застане на челната позиција. Неможноста да се одлучеле кому да се даде довербата и натаму го развлекува изборот на претседател. Како фаворити се споменуваат имињата на Влатко Самарџиски и Мери Дика Георгиевска. Чие име ќе превагне очигледно не зависи само од гласовите на членовите на советот.

sudski sovet

Но, додека се преговара кој да ја наследи Зафировска, апетити за позицијата претседател неофицијално искажала и владејачката партија на Албанците, ДУИ. Со оглед дека неколкумина членови во советот се од албанската заедница, а и затоа што од формирањето на советот, во 90 отсто случаи претседатели биле Македонци. Сега е неизвесно колку обидите на Албанците ќе успеат да наметнат трет фаворит во трката?

Како и да е, повеќе од месец Судскиот совет има нелгитимен претседател. Нејасно е како во ваква ситуација функционираат, а непознато е и до кога ќе остане вака. Ситуацијата несомнено потсетува на состојбата во Комисијата за лустрација кога претседателот Томе Аџиев со месеци раководеше, иако му беше истечен мандатот, а на негово место немаше избрано нов. На таков начин, анлизираат нашите соговорници, може да тера и Судскиот совет, се додека не падне конечната одлука кому да му се даде раководната палка. За сега не се знае кога ќе биде тоа, односно никој не сака да открие.

Нам ни остана целосно нејасно зошто портпаролката на Судскиот совет, извесна Вера Андрејчин, упорно не одговара на повиците на „Фокус“. И таа, по примерот на други портпароли, како таа во обвинителството на пример, не одговара на повиците на новинарите иако тоа и е приоритет во портпаролската функција. Дали и таа ги нема вистинските одговори што се случува во советот и до кога Зафировска нелегитимно ќе управува? Затоа ниту може да се дознае кога ќе се избира претседател, ниту кои се главни играчи, ниту како во овој „мртов“ период функционира советот и кој потпишува одлуки?

Инаку, Зафировска, иако законот не дозволува втор претседателски мандат сепак таа на два пати беше на врвот. Тоа и успеа затоа што при истекот на првиот мандат имаше речиси генерален реизбор на членовите на советот, па така вториот мандат го започна како претседателка на нов состав на Судскиот совет. Тоа тогаш помина така. Но сега е јасно дека по трет пат нема да може да биде пртседателка, пред се затоа што законот не и дозволува.

 

Поврзани новости