Голготата на Наташа Величковска од Крива Паланка никако да заврши. Од ден на ден, таа се потешко го поднесува „затворот“ во која е принудена да седи, притисоците, заканите, малтретирањата и нападите од бившиот дечко, со кој пред три години била само три месеци во врска. По сите кривични пријави поднесени против него, наместо таа, жртвата е тој. Величковска дури заврши на суд, како обвинета за лажно сведочење.
Судското рочиште против неа, во понеделник беше одложено, бидејќи на Величковска и се слошило и завршила во болница, не можејќи да ги издржи притисоците. Наредниот судски процес е закажан за 19 јуни. Според нејзините искази, таа е уплашена за својот и за животот на нејзиното дете.
– Не можам ова повеќе да го издржам. Живеам во пекол. Од дома не излегувам, освен во придружба на татко ми. Кај и да ме види, ме напаѓа, тепа. За него, закон не постои. А, јас како жртва на насилство, преминав во обвинета. Немам мир повеќе. Барем некој да го предупреди. Едноставно немам енергија и да дишам. Страшно и срамно – изјави Величковска за „Фокус“.
Таа додава, дека на 7 мај била нападната и за тоа извадила лекарско уверение. После тој настан, по неколку денови, Величковска повторно била нападната пред полициската станица.
– Морав да влезам со бебето на другарка ми во полициската станица, за да се спасам. Влета и тој. Повторно против него е поднесена кривична пријава. Ама, знам дека никој ништо нема да направи – тврди Величковска.
Во понеделникот пред Основниот суд во Крива Паланка беше организиран протест од неколку невладини организации со цел да и помогнат на кривопаланчанката.