Се работи за формулација на името на државата заради дипломатски цели, а тоа нема да влијае врз просечните луѓе. Не преговараме за идентитет, ако беше така одамна ќе си заминев, посочува американскиот дипломат Метју Нимиц по однос на спорот со името меѓу Македонија и Грција во интервјуто за БИ-БИ-СИ насловено како „Човекот кој 23 години се фокусира на едно име.“
Медијаторот е оптимист и верува дека се ближи времето за решение на спорот. Потребно е само, вели луѓето да се охрабрат да не го гледаат проблемот како прашање на национален идентитет.
„Брзо ја сфатив грчката страна и нивниот страв дека еден ден Македонија би можела да го положи правото на дел од нивната територија. Но, од друга страна подеднакво ми е блиска и македонската страна, односно ставот дека името произлегува од историјата која го вбројува владеењето на Александар Македонски, па „Македонија“ е име наследено уште од антиката“, вели Нимиц.
На прашањето дали Македонија еден ден ќе биде отворена за промена на своето име, смета дека тоа е мошне комплексно прашање во кое се вклучени емоции. Дипломатот вели дека разбира оти е битен идентитетот, но додава дека е и голем поборник на глобализмот.