Дела, срцки мои, а не празни зборови, тоа е моето животно мото, вели штипјанецот Александар Георгиевски, кој успешно ја заврши хуманата акција во која комплетно се реновираше домот на Елена Манасиева и нејзините три малолетни деца во Штип.
За Александар ,,Фокус” веќе пишуваше во повеќе наврати. Тој е човекот кој и помогна на пензионираната професорка од Штип, која живеела во запустен дом и боса лутала низ улиците на градот. Додека останатите сограѓани немо ја гледале како секојдневно се мачи, тој веднаш штом ја забележал и помогна да добие потребна нега, и го расчисти и среди домот, по што грижата за неа ја презеде нејзин внук.
Кон крајот на декември лани, тој беше помеѓу првите којшто замина во Хрватска, да волонтира по разорниот земјотрес.
-По месец дена макотрпна работа, неизвесност и стрес, го остварив она кое го ветив! Се заблагодарувам на сите хумани луѓе кои се вклучија во акцијата ова семејство да добие достоинствен дом. Ова петчлено семејство добива комплетно реновирана и опремена куќа, да си живеат среќно и ова да ни служи како пример, сите да си помагаме едни со други, само така ќе имаме среќен живот – порача хуманистот, кој во минатото цели десет години работел како пожарникар во Штип, а потоа се преселил во Швајцарија.
Од неодамна повторно е во Македонија, а неговите хумани дела не престануваат.
Во акцијата за семејството Манасиеви која ја иницираше, се вклучиле повеќе млади луѓе, мајстори од Велес, волонтери, но и голем број на општествено одговорни компании.
-Таков сум, не можам да гледам неправди, кај што можам да помогнам, не чекам. Сите на дело да покажеме, да не останеме само на празни зборови – изјави Александар.
Вики Клинчарова