ДИК брзо да почне постапка за набавка на апарати со отпечаток од прстот, апелира Заев

by fokus

Апелирам Државната изборна комисија (ДИК) брзо да влезе во постапката за набавка на апарати за гласање со отпечаток од прстот, за да може да се исполни ова законски вградено решение, затоа што постои во Законот, изјави денеска премиерот Зоран Заев пред Владата, одговарајќи на новинарско прашање.

– Ќе направиме се да набавиме тоа што зависи од нас. Министерот за финасии реагираше конкретно – пари во буџетот има, ако фалат – имаме ребаланс. Секако за тоа да се направи дадовме писмено одобрение од страна на Финасии за да може претседателот на ДИК и целата ДИК да влезат во постапка на набавка на апаратите за отпечаток од прстот, рече Заев.

Тој верува дека ќе се стигне тоа да се сторат до локалните избори, бидејќи, како што рече, има уште околу осум месеци, а со современите европски технологии очекува тоа брзо да се направи.

– Тоа може да ја зголеми довербата во гласачкиот процес. што е многу важно. Врв на демократијата е гласањето. Апелирам до ДИК, сите владини служби стоиме на располагање, да инсистираме брзо да се направи набавката, посочи Заев.

Премиерот додаде оти разговарал со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој му посочил дека се подготвени целата база да ја дадат на ДИК, односно, како што рече, се работи за трансфер на информатички податоци, што, според него, е лесно спроведливо.

Поврзани новости