Не постои политичар кој може да ми се јави и да ми каже како да работам, порачува Кацарска

by fokus

Ветувам и гарантирам дека максимално ќе го отворам Уставниот суд за јавноста, порача на своето прво јавно појавување новоизбраната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска која денеска учествува на тркалезна маса на тема „Транспарентноста и соработката на Уставниот суд на Република Северна Македонија со новинарите и граѓанските организации“ којашто ја организира Институтот за човекови права.

-Кога станав претседател на Кривичниот суд во далечната 2005 година јас прва го отворив судот за јавноста и кога дојдов во Уставен, мене ми беше несфатливо толку да е затворен судот. Освен тоа како судија во организиран криминал знаете дека новинарите катадневно беа присутни на судењата. Ви кажувам дека сакам максимално да го отворам судот и тука нема да има никакви проблеми, порача Кацарска.

Судијката тврди дека не постои политичар кој може да ѝ се јави и да ѝ каже како да одлучува за некој предмет, но на чело на судот дојде во период кога на тројца уставни судии им истече мандатот, па сега судот наместо со девет работи со шест судии. Според процедурата, новите уставни судии треба да бидат предложени на Комисијата за избори и именувања, но уште непредложени, пратениците од власта и опозицијата се „судрија“ на Комисијата и официјално не предложија ниту еден кандидат. Кацарска се надева дека политичарите ќе изберат професионалци и чесни судии.

– Кои судии ќе ги изберат политичарите тоа може да разговарате со претставниците на политичките партии. Се надевам и посакувам да изберат професионалци, чесни судии на кои воопшто нема да им биде битно кој е подносител на иницијативата, која одредба се оспорува и слично. Се надевам дека политичарите ќе имаат сенс и ќе размислат добро кого ќе предложат и кого ќе изберат за судии на Уставниот суд. Сепак мислам дека Уставниот суд заслужува тоа да бидат судии- луѓе професионалци, вели Кацарска.

Новата претседателка вели дека судот може да функционира дури и со пет судии, но проблем ќе биде гласањето ако не се обезбедат пет гласа, односно мнозинство гласови. Судот веќе за во четврток закажал седница и Кацарска најавува многу новини и смени, кои мора да се случат без оглед колку се болни за судиите или за јавноста.

Кацарска долги години беше судија во Кривичниот суд, а последниве години беше најактуелна со пресудата за 27 април со која на казни затвор беа осудени дел од лицата кои влегоа во Собрание и кои учествуваа во „крвавиот четврток“, некои на над 15 години затвор. Сега опозицијата протестира против оваа пресуда, а како синоним за судството од кое не се задоволни, го употребува токму името на оваа судијка и го нарекува „Кацарска судство“.

Но, таа вели дека ниту една критика не допира до нејзе.

-Најнапред ниедна нереална критика, критика која не е заснована на факти, не допира до мене. Зарем после 34 години судски стаж некој може да го оспорува мојот избор во Уставниот суд. Секогаш сум имала добри резултати, мои учители како приправник беа судијата, Маргарита Цаца Николовска и слични судии. Имаше од кого да учам. Критиката од опозицијата е секојдневна, жалам што тоа допира до мојата ќерка и до мајка ми, до мене не. Се додека чесно ја вршам својата работа може секој да зборува што сака, вели Кацарска.

За предметот за 27 април вели дека се изнесуваат невистини и јавноста се доведува во заблуда.

-Не може да стане збор за уставобранители, за луѓе кои влегле во Собрание, во Законодавен дом, да се постави експлозивна направа, да се тепаат пратеници, новинари, полиција, а од друга страна да гледаме како припадник на полицијата лежи на фотелјите и како се поздравува и гушка со максирани лица или да слушаме маскирано лице качено на клупа како вели „пукај имаш чиста мета во Заев“, вели Кацарска која нагласува дека според неа пропуст било што судењето не одело јавно во живо за јавноста да ги види снимките од кои тие се згрозувале во судница.

Иако според неа, не постои земја во светот како политичарите сакаат да влијаат врз судството, но уште еднаш порача дека ветува и гарантира дека ниту еден политичар не може да и каже како да работи.

-Интересите на граѓаните, законитоста и уставноста се на прво место, порача Кацарска.

Ф.Ф.С.
Фото: МИА

Поврзани новости